Планета помала од Земјата забележана на оддалеченост од 200 светлински години

0
Планета помала од Земјата забележана на оддалеченост од 200 светлински години

Уметничка илустрација на системот Кеплер-138. Заслуги: Danielle Futselaar/Институт СЕТИ

Иако ние мислиме дека повеќето од егзопланетите во Универзумот би требало да бидат помали од Земјата, постоечките податоци не го поддржуваат ова. Бидејќи е малку потешко да се гледаат мали планети во бесконечноста на Вселената, повеќето егзопланети набљудувани досега се поголеми од Земјата.

Но, за првпат астрономите употребиле креативен метод за мерење на масата и големината на планета помала од Земјата што е забележана на приближно 200 светлински години оддалеченост од нашиот Сончев систем. Всушност, нејзината големина е поблиска до големината на Марс (којашто има околу половината од радиусот на Земјата). Планетата е именувана Кеплер-138b, и е една од трите кои што кружат околу централната црвена ѕвезда наречена Кеплер-138.

Даниел Џонтоф-Хатер (Daniel Jontof-Hutter), научен соработник по астрономија на државниот универзитет во Пенсилвaнија, објаснува како тие ја измериле големината на Кеплер-138b: „Секој пат кога планетата транзитира преку ѕвездата (поминува пред ѕвездата), блокира мал дел од светлината на ѕвездата со што ни дозволува да ја измериме големината на планетата“.

Како што планетите ротираат околу централна ѕвезда, нивното гравитациско привлекување прави ѕвездата да се заниша. Масивните планети како гасовитите џинови (слични на Јупитер) многу ја занишуваат ѕвездата, додека пак малите, карпести планети со мала маса имаат минимален гравитациски ефект на ѕвездата т.е. речиси не ја менуваат нејзината положба. Со мерење на големината на влијанието на планетите врз орбитата на ѕвездата, астрономите можат да истражуваат и да ја дознаат масата на планетата.

Особено е тешко да се измерат масите на карпестите планети, бидејќи обично тие се помали и помалку масивни од гасовитите џинови како Јупитер. Меѓутоа, астрономите нашле начин да го решат овој проблем. Наместо да го мерат ефектот на малите планети врз централната ѕвезда, тие го мерат ефектот на планетите меѓусебно.

„Исто така, ја измеривме гравитацијата на сите три планети, употребувајќи ги податоците од Кеплеровата мисија на НАСА, со прецизно следење на секој транзит.“ вели Џонтоф-Хатер. Астрономите беа во можност да ги измерат масите на овие планети исто така. „Секоја планета, одреден период забавува и некогаш забрзува многу малку од гравитацијата на нејзините соседни планети. Оваа мала промена во времето помеѓу транзитите ни дозволува да ја измериме масата на планетите“.

Мерењето на масата и големината на една егзопланета, значи дека научниците се во можност да започнат со пресметување на повеќе од нејзините карактеристики, како што се густината, нејзиниот состав, па дури и можноста за живот на неа.

Превод: Марко Панушковски

Извор: IFL Science

Сподели.