Персеидите оваа година ќе бидат двојно подобри!

0

Доколку сте жедни за многу добар настан на ноќното небо, во никој случај не го пропуштајте овогодинешниот метеорски рој Персеиди. Експертите предвидуваат дека оваа година ќе има двојно повеќе метеори од вообичаено, а кога станува збор за Персеидите тоа значи дека ќе бидат навистина многу.

Во совршени услови, стапката би можела да се издигне и до 200 метеори на час, ноќта помеѓу 11-ти и 12-ти август. За споредба, во редовна година добиваме само по 80-тина.

Што е тоа што го прави овој настан двојно позабавен годинава? Иако размислуваме за метеорските дождови како овој и Ета Акваридите (Eta Aquarids) како да ни доаѓаат во посета секоја година, всушност ние ги посетуваме нив.

Персеидите се јавуваат кога орбитата на Земјата нè носи на патот на кометата Свифт-Татл (Swift-Tuttle), и вообичаено поминуваме само на краевите на остатоците од трагата која ја остава на нејзиното патување низ Вселената.

Но, месецов ќе биде поинаков: „Ова може да биде ретка година кога гравитацијата на Јупитер го повлекува ројот малку поблиску, дозволувајќи ѝ на нашата планета да се нурне точно во неговата средина, каде има повеќе остатоци и како резултат гледаме повеќе метеори,“ вели Ерик Мек (Eric Mack) за CNet.

Земјата веќе започна да поминува низ патеката на кометата Свифт-Татл, и се очекува да продолжи да ја следи до 24-ти август.

Иако максимумот ќе биде помеѓу  11-ти и 12-ти август, тоа само значи дека тогаш можат да се видат најмногу метеори во најкраток временски период. Доколку сте нетрпеливи, можете уште сега да се обидете да ги набљудувате додека патуваат со огромни брзини од околу 60 километри во секунда.

Набљудувачите на северната полутопка имаат предност во набљудувањето. Доколку сакате да го гледате легнати удобно во својот кревет, приклучете се на преносот во живо на НАСА на ноќите помеѓу 11-12 и 12-13 август, со почеток од 4:00 часот на 12-ти. Доколку, пак сакате да ги чекате под отворено небо, подгответе се со овие совети за набљудување метеори кои ги нудат членовите на нашето друштво.

Превод: Марина Димовска

Извор: Science Alert

 

 

 

Сподели.