Персеиди 2015 – совети за набљудување метеори

0

Како и секоја година во август Персеидите не нè одминуваат. Тие се сигурно еден од најубавите метеорски дождови во текот на годината, а сигурно најнабљудуваниот дожд од сите. Временските услови се погодни, надвор е топло, голем дел од луѓето се некаде на одмор, надвор од градските средини, па затоа овој дожд е популарен дури и кај обичните граѓани кои не се занимаваат со астрономијата.

Персеидите веќе се доста активни. Овој рој е активен од 17-ти јули до 24-ти август. Како и скоро секоја година, главниот максимум се очекува ноќта меѓу 12-ти и 13-ти август и тоа од 01 до 03:30 часот (рано наутро). Вообичаено, очекуваното ZHR (зенитна часовна активност) е од 50 до 200 метеори. Како што кажува и името, радијантот на овој рој (за време на максимумот) се наоѓа во соѕвездието Персеј. За подобра ориентација каде да го побарате на небото, одете на сликата за северното небо и проверете каде точно се наоѓа радијантот (местото од каде што привидно извираат метеорите). Нема да ви требаат никакви оптички помагала. Впрочем, метеорите и не се набљудуваат поинаку (освен во некои случаи, кога се користат радио-приемници). Затоа, наместете удобна столица (најубаво оние столици на расклопување кои се поставуваат во полулежечка состојба), одберете свое парче на небото и едноставно уживајте :).

Мапа од радијантот на Персеидите

Мапа од радијантот на Персеидите

Не постои некое правило каде метеорите најчесто се појавуваат, тоа е во доменот на случајните распределби. Сепак, вообичаено веројатноста да „уловите“ што повеќе метеори е најголема доколку центарот на вашето видно поле е близу до радијантот. Чисто за забава можете да ги броите, но доколку сакате посериозно да се занимавате со метеорите, Меѓународната метеорска организација (IMO, www.imo.net) има препораки како да се набљудуваат и посебни формулари каде треба да ги запишувате податоците од набљудувањето, кои подоцна тие ги обработуваат. На тој начин ќе помогнете во предвидувањата за следните години, но и самите ќе можете да пресметате ZHR за вашата локација.

Членовите на Скопското астрономско друштво редовно ги следат позначајните метеорски роеви и ги запишуваат податоците од набљудувањата, со тоа учествувајќи во големото семејство на IMO и придонесувајќи кон предвидувањата за секоја година. Доколку сакате посеризоно да набљудувате, или имате проблеми при наоѓањето на потребните упатства, подолу се дадени кратки совети за тоа што сè Ви е потребно за малку посериозно да набљудувате метеори.

Еден мал, но многу значаен дел од метеорската астрономија се визуелните набљудувања, поточно методот на броење на метеори. Би сакал да го изложам во најкратки црти овој метод при набљудување на главни метеорски роеви.

Потребна опрема:
А)
– душек, полско креветче, столица со наслон или сл. со перница за наслон на главата,
– вреќа за спиење или ќебе за покривање,
– топла облека (неприпиена, повеќеслојна), долги ногавици, долги ракави, капа,
– покривка или торба за заштита од влагата на осетливи делови,
– вода, храна и пијалок (алкохол и топли пијалоци никако).
Б)
– часовник, точен, погодно е да определува редовни интервали со звучен сигнал,
– црвено светло,
– два молива (најмалку),
– ролна хартија за запишување или диктафон (од него не смее да има нецрвена светлина).
Дополнителна опрема:
В)
– карта на небото и помошни карти за одредување на гранична магнитуда,
– таблици со магнитуди на ѕвездите,
– радио апарат или слично,
– средство против комарци и влажни марамчиња,
– футрола за моливи, пенкала, гуми, острилка.
Подготовка
1. Проучете каде се наоѓа радијантот на Персеиди на денот на посматрање, дома.
2. На самото место, мора да постои период на адаптирање на видот од најмалку 20 минути. Во тој период може само да се одмараат очите и да се употребува црвено светло. Подалеку од дрвја и високи препреки се поставува душекот со тоа што центарот на видното поле да биде од 50 до 70 степени висина, а истовремено да не биде насочено директно кон радијантот (идеално од 20 до 40 степени од радијантот).
3. Пред самото започнување вреди да се знаат неколку ѕвезди во нашето видно поле со нивната магнитуда, положбата на радијантот, како и полигоните за одредување на граничната магнитуда.
Запишување
Запишувањето треба да биде усовршено до таа точка да не е потребно светло и на слепо да се прибележуваат следниве податоци (по овој редослед)
1. Име и презиме со „Старт“ , време во УТ;
2. Центар на видно поле (во десна асцензија и деклинација со точност од 10 степени) облачност (%), гранична магнитуда (преку полигони) и број на персеиди и непресеиди во временски интервал од 10 до 20 минути;
3. Детали за метеорите;
4. Крај.
За крај и неколку линкови од претходно набљудувани Персеиди од страна на членовите на САД:
Повеќе детали за Персеидите на официјалната страна на Меѓународната метеорска организација.
Оваа година членовите на Скопско астрономско друштво за време на Персеидите ќе бидат на традиционалниот летен астрономски камп кој оваа година ќе биде во Отешево, на бреговите на Преспанското Езеро. Се надеваме дека времето ќе нè послужи, за како ние, така и сите вљубеници во метеорите, да можат да видат убаво шоу од Персеидите.
Текст: Александар Атевиќ и Мартин Стојановски
Сподели.