Пермафростот во Канада, Алјаска и Сибир нагло се распаѓа на начин кој што би можел да ослободи големи количества на стакленички гасови побрзо од очекуваното, предупредуваат истражувачите.
Научниците долго се плашеа дека климатските промени – кои ги топлат арктичкиот и субарктичкиот регион двојно повеќе од глобалното ниво – ќе ослободат СО2 и метан, кои ја затоплуват планетата, кои биле безбедно затворени во замрзнатите Земјини терени со милениуми.
Се мислеше дека овој процес ќе биде постепен, оставајќи му на човештвото време да ги намали испуштањата на јаглерод доволно за да спречи одмрзнувањето на пермафростот да не влезе во самохранечки циклус од топење на мраз и глобално затоплување.
Но едно истражување објавено во понеделник во Nature Geoscience вели дека предвидувањата за количината на јаглерод ослободена од ваквото споро и сигурно одмрзнување занемаруваат помалку познат процес во кој одредени видови на замрзнат терен се одмрзнуваат одеднаш – понекогаш за неколку дена.
„Иако наглото одмрзнување на пермафрост ќе се случи во помалку од 20 проценти од замрзнатата земја, истото ќе ги зголеми предвидувањата за ослободување на јаглерод од пермафростот за 50 проценти,“ рече Мерит Турецки, главен на Институтот за арктичко и планинско истражување во Болдер, Колорадо.
„Во сите идни сценарија за затоплување, наглото одмрзнување доведува до испуштања на јаглерод во атмосферата“, таа изјави за АФП.
Пермафростот содржи камења, почва, песок и шуплини со чист искршен мраз. Неговото богатство со јаглерод се должи на остатоците од животот кои некогаш бил во Арктикот, вклучувајќи растенија, животни и микроби.
Оваа материја – која никогаш не се распаднала целосно – била замрзната со илјадници години.
Се протега преку област голема речиси колку Канада и САД заедно, и содржи околу 1500 милијарди тони јаглерод – двојно од количината во атмосферата и тројно од тоа што луѓето го имаат испуштено од почетокот на индустријализацијата.
Дел од оваа некогаш камен тврда почва почнува да омекнува, бркајќи домородни општества и загрозувајќи индустриска инфраструктура низ субарктичкиот регион, особено во Русија.
Не може со сигурност да се докаже дали не толку трајниот пермафрост започнал да испушта значителни количини метан или СО2.
Предвидувањата се исто така несигурни, а некои научници велат дека идните испуштања можат да бидат барем делумно ублажени од нова растителност, која собира и складира СО2.
Но, експертите велат, сигурно е дека пермафростот ќе продолжи да попушта со растот на температурите.
Брзо и драматично
Во специјален извештај објавен во септември, научниот советнички орган за климатски промени на ОН, IPCC, разгледува две сценарија.
Ако човештвото успее – и покрај сè – да го запре глобалното затоплување под 2°C, главната цел на Парискиот климатски договор од 2015, „областа под пермафрост покажува пад од 24 проценти до 2100“, заклучува тој.
На другиот крај, ако исфрлањата од фосилни горива продолжат да растат во текот на следните 50 години – веројатно исто толку неверојатно сценарио – 70 проценти од пермафростот би можел да исчезне, вели IPCC.
Но и двете сценарија претпоставуваат дека губитокот ќе биде постепен, а можно е тоа да е грешка, вели Турецки.
„Ние проценуваме дека наглото одмрзнување на пермафростот – во ниски езера и мочуришта, заедно со тоа во повисоките ридови – би можело да ослободи 60 до 100 милијарди тони јаглерод до 2300,“ таа и нејзините колеги забележуваат во коментар од 2019, исто така објавен од Nature.
Еден тон јаглерод е ист со 3,67 тони јаглерод диоксид (СО2), што значи дека ова би било еднакво на околу осум години од глобални исфрлања на денешно ниво.
„Ова е додаток на 200 милијарди тони јаглерод за кои се очекува да бидат ослободени во други региони кои ќе се одмрзнуваат постепено,“ вели таа.
Сегашните климатски модели не ја земаат во предвид можноста за брзото распаѓање на пермафростот и количината на гасови кои тој би можел да ги ослободи, вели истражувањето.
Наглото одмрзнување е „брзо и драматично“, рече Мерит, додавајќи: „Шуми би можеле да станат езера за месец, одрони можат да се случат без предупредување, а невидливи истечни дупки со метан би можее да проголтаат цели возила за снег.“
Превод: Јоаким Јаковлески
Извор:www.sciencealert.com