НАСА е се поблиску до разоткривање на мистеријата на метанот на Марс

0

Метанот е органска молекула која може да се најде во земјината атмосфера и најчесто ја произведуваат живите организми, од кои најпознати се кравите. Неговата детекција на Марс претставува чудна мистерија за планетарните научници.

Низ минатите години роверот Љубопитност на НАСА забележа мали трагови од метан во повеќе наврати. Иако овие емисии може да се со потекло од некој геолошки процес, возможно е да се и знак за некоја форма на живот на Марс.

Заслуги: NASA/JPL-Caltech/MSSS

Очекувано, научниците се возбудени за оваа можност иако податоците се збунувачки. Во горните делови на атмосферата орбитирачката технологија на Европската вселенска агенција (ESA) воопшто нема забележано метан. Ова е чудно поради тоа што иако млазевите на метан би биле разредени од атмосферата како помалку од еден грам сол во олимписки базен, нашите инструменти се доволно сензитивни да ја детектираат оваа концентрација.

„Кога европскиот тим прогласи дека не најде никаков метан, дефинитивно бев шокиран“ вели планетарниот научник Крис Вебстер од лабораторијата за млазни погони на НАСА. Што е причината за неусогласеноста? Вебстер и колегите се навратиле на податоците со цел да го отстранат секој мал фактор кој би можел да е причина за лажна детекција на метан кај роверот.

„Ги погледнавме корелациите со насоката на роверот, почвата, кршењето на камења, деградацијата на тркалата – што и да ни дојде на ум“ вели Вебстер.  „Не можам да го доловам напорот на тимот во прегледувањето на секој мал детаљ за да се осигураме дека мерењата се точни, како што и се испостави дека се“.

На крајот разликата во мерењата се свела на Сонцето. Тимот открил дека метанот на површината на Марс се движи зависно времето од денот, додека енергетски-интензивниот инструмент на Љубопитност кој ги направил мерењата работел воглавно ноќе.

Во овој период атмосферата на Марс е помирна што значи дека метанот не се искачува и дилуира во неа како за време на денот. Како резултат на ова истражувачите мислат дека гасот стои во близина на површината на планетата за време на ноќта, додека за време на денот тој се дилуира при што орбитирачкиот инструмент на ESA, на кој му е потребна сончева светлина за работа, не е во можност да го детектира од далечина.

За да ја потврдат оваа хипотеза истражувачите направиле неколкудневни високо прецизни мерења со Љубопитност за време на денот. „Џон Е. Мурс предвиде дека метанот треба да падне на нула за време на денот и двете наши дневни мерења го покажаа тоа“ објаснува Пол Махафи од центарот за вселенски петови на НАСА – Годард.

Сепак останува нејасно зошто метанот не се концентрира во атмосферата со тек на време. Според истражувачите би биле потребни барем 300 години пред да се деградира поради радијацијата од Сонцето. Бидејќи е малку веројатно дека Гејл кратерот е единствениот извор на овој вид микро-излевање на метан тие сметаат дека нешто мора да го уништува или отстранува метанот пред да се собере во атмосферата.

Тимот сега тестира дали можеби правта или големо количество на кислород би играле ваква улога. Дел од мистеријата можеби е решен но сега имаме уште повеќе прашања. Љубопитност останува достоен на своето име.

 

Извор: www.sciencealert.com

Превод: Максим Осман-Николов

Сподели.