Остатоци од ѕвезда што умира помагаат во разбирањето за тоа како се формирал сончевиот систем

0

Откритието ги надополнува некои од денешните теории за тоа како ѕвездите што изумираат го исполниле универзумот со материјал кој бил почетна точка за формирање на планетите и секако, молекулите кои се прекурзори за постоењето живот.

belo dz

Пред милијарда години, уште пред нашиот сончев систем да се создаде, ѕвезда бело џуџе која била дел од бинарен систем, акумулирала доволно материјал од другата ѕвезда од бинарниот систем што довело до нејзино експлодирање. Со таквата експлозија биле формирани многу мали зрна прашина со карактеристичен состав кој не е пронајден во нашиот сончев систем. Тим научници предводени од Универзитетот во Аризона, пронајдоа такви зрна во внатрешноста на метеорит кој го има преживеано формирањето на нашиот сончев систем и го изанализираа со инструменти дотолку осетливи до ниво на атоми. При анализата, откриено е дека зрното богато со јаглерод (црвено), во себе содржи материјал богат со кислород (сино), два типа на ѕвездена прашина за кој се смета дека не можат да се формираат истовремено кога се случила и експлозијата. Заслуги: Универзитетот во Аризона/Хедер Ропер

Сместено во метеорит пронајден на Антарктикот, малиот примерок всушност претставува вистинска ѕвездена прашина исфрлена во вселената при експлозија на ѕвезда уште и пред раѓањето на нашето сонце. Иако се верува дека таквите зрна се многу значајни во обезбедување на дел од материјалот за формирање на сонцето и планетите, многу мал дел од нив го преживеале целиот тој бурен период на создавање на сончевиот систем.

“Како вистинска прашина од ѕвезда, ваквите зрна ни даваат поглед во внатрешноста на т.н. градежен материјал од којшто нашиот сончев систем е формиран,”вели Пјер Хенекјур, водечкиот автор на истражувањето. “Тие исто така ни обезбедуваат приказ на условите кои постоеле во една ѕвезда за време на формирањето на зрното.”

Именувано како LAP-149, зрното го претставува единствениот познат примерок од графитни и силикатни примероци кои посочуваат на специфичен тип на ѕвездена експлозија наречена нова. Го има преживеано патувањето низ ѕвездениот простор и има стигнато до регионот кој ќе претставува наш сончев систем пред околу 4.5 милијарди години, а може и порано кога и всушност се вгнездил во метеоритот.

Кратко после Биг Бенг, кога универзумот се состоел само од водород, хелиум и траги од литиум, ѕвездените експлозии придонеле во збогатувањето на хемиските елементи во космосот, резултирајќи со мноштвото елементи кои денеска ги наоѓаме.

Искористувајќи ја софистицираната електронска микроскопија во Универзитетот во Аризона, истражувачки тим предводен од Хенекјур го анализираше микроскопскиот примерок до атомско ниво. Малиот патник од вселената навистина е како вонземјанин – високо збогатен со јаглероден изотоп именуван 13С.

Пјер Хенекјур

Водечкиот автор на студијата Пјер Хенекјур фотографиран покрај еден од микроскопите со ултра-висока резолуција користени за добивање на хемиски и микроструктурни информации за ѕвездената прашина. Заслуги: Универзитетот во Аризона/Марија Шучарт

Тој вели дека изотопскиот состав на јаглеродот во се она што го имаме проучено, а потекнува од друга планета или тело во нашиот сончев систем , премногу се разликува од изотопот на јаглерод пронајден во LAP-149. Овие резултати не снабдуваат со дополнителни лабораториски докази дека зрната богати со јаглерод и кислород од експлозиите допринеле во формирањето на сончевиот систем.

Иако ѕвездите од кои потекнуваат повеќе не постојат, изотопскиот и хемискиот состав како и микроструктура на поединечните зрна ѕвездена прашина пронајдени во метеоритите обезбедуваат уникатна ограничувачка ѕвездена формација и термодинамички услови во ѕвездите, велат авторите.

Деталните анализи откриваат многу повеќе: наспроти сличните зрна прашина за коишто се смета дека се продуцирани од ѕвездите што умираат, LAP-149 е првото познато зрно составено од графит во кое е инкорпориран силикат богат со кислород.

“Нашето откритие ни дава мал поглед на еден процес на којшто никогаш не би можеле да посведочиме тука на земјата. Ни кажува како зрната прашина се формираат и како се движат додека се исфрлаат за време на експлозијата”, вели Хенекјур.

За несреќа LAP-149 не содржи доволно атоми за прецизно да се одреди неговата старост, па истражувачите се надеваат дека во иднина ќе пронајдат слични поголеми примероци.

“Ако во иднина успееме да ја дознаеме точната старост на овие објекти, тогаш би можеле да добиеме подобра идеја за тоа како изгледала галаксијата во нашиот регион и што е тоа што го поттикнало создавањето на нашиот сончев систем”, вели Том Зега од Универзитетот во Аризона.

Превод: Христина Милошевска

Извор:phys.org

Сподели.