Нови Хоризонти испрати слики од Стикс, најмалата месечина на Плутон

0

Нови Хоризонти постојано открива нешто ново. Минатата недела научивме дека Плутон има сино изгрејсонце и зајдисонце, слично на она што Кјуриосити го сними на Марс. Исто така, се потврди и одамна претпоставуваниот факт дека на површината на Плутон има замрзната вода. Во најновите слики добиени од Нови Хоризонти, ги гледаме најмалите месечини на Плутон, вклучувајќи ја за првпат и малата месечина Стикс.

Нови Хоризонти испрати слики од Стикс, најмалата месечина на Плутон

Стикс, најмалиот природен сателит на Плутон. Заслуги: NASA/JHUAPL/SwRI

Стикс е најмалата и најбледата месечина која со помош на вселенскиот телескоп Хабл првпат е откриена во 2012 г. Иако на фотографијата гледаме само една нејасна дамка, научниците преку неа можат да откријат многу повеќе за Стикс. На пример, сега ги знаеме приближните димензии на месечината.

Оваа фотографија ни открива дека станува збор за многу издолжен сателит, околу 7 километри во најдолгата и 5 километри во најкусата димензија. Исто така, научниците може да измерат колку светлина се рефлектира од површината на Стикс и да одредат дека Стикс има замрзната површина со голема рефлексија, што потсетува на Никс и Хидра.

Новите слики се направени на 13-ти јули, проближно 12,5 часа пред најблиското доближување до Плутон и добиени на Земјата на 5-ти октомври. Во моментот на фотографирање, Нови Хоризонти се наоѓал на 631.000 км оддалеченост од Стикс. Заради далечината и големината на Стикс, не сме во можност да имаме детален преглед на оваа мала месечина.

Никс е втора по големина од малите месечини на Плутон и била најблиску до Нови Хоризонти за време на прелетот, па добиени се подобри слики. Се очекува да пристигнат уште подобри фотографии од трите погледи кои досега ги имаме. Оваа месечина има форма на компир и интересен кратер на површината. Бидејќи месечината е многу мала, постои јасно определена линија помеѓу удар кој би ја распрскал месечината и оној кој би оставил само кратер. Така, Никс можеби имала среќа, или можеби е дел од некогашна поголема месечина.

Знаеме дека кратерот има различна боја од останатиот дел на Никс благодарение на фотографиите во боја добиени од камерата на Нови Хоризонти, Ралф/МВИЦ (слика подолу). Со Ралф добиваме четири „бои“: црвена, сина, приближно инфрацрвена и метан. Така, на добиената фотографија гледаме дека кратерот и одбиениот материјал е црвеникав за разлика од белата површина на Никс. Ова ни говори дека месечината има потемен слој под површината. Исто така, може да ѕирнеме како изгледа Никс како полумесечина осветлена од Сонцето. Никс нема атмосфера, па погледот и не е така воодушевувачки, но научниците можат да ја измерат светлината и да дознаат повеќе за составот и топографијата на површината на Никс.

На следната фотографија се гледа Хидра, која има многу покомплексна форма. За жал, Хидра се наоѓала на спротивната страна од Плутон од гледната точка на Нови Хоризонти, па затоа и фотографиите се со помала резолуција. Формата на Хидра многу потсетува на поголема верзија од кометата на Розета, 67П/Чуриумов-Герасименко. Неодамна научивме дека формата на оваа комета веројатно се должи на судир со мала брзина, па научниците шпекулираат дека истото може да важи и за Хидра.

Петтата месечина на Плутон, Кербер, има многу потемна површина од останатите и затоа може да биде потешка за фотографирање. Сè уште ги очекуваме првите фотографии од оваа месечина.

Превод: Дарко Рафаиловски

Извор: IFLS

Сподели.