Нова студија открива дека водата на Марс не пресушила одеднаш

0

Каде исчезнала сета вода?

mars 1

Роверот Кјуриосити (НАСА), кој ја истражува планината Шарп кој се наоѓа во внатрешноста на кратерот Гејл на Марс, откри докази кои сугерираат дека планетата не ја загубила целата водата одеднаш.

Марс не пресушил одеднаш, туку варирал помеѓу суви и влажни периоди пред да стане сушната планета каква што е денес, открива новата студија.

Претходните студии открија дека Марс некогаш бил доволно влажен што дур целата површина била прекриенасо вода,и тој содржел вода колку половина Атлантски океан. Сепак, Црвената планета сега е извонредно сува планета, илјада пати посува од најсушните делови на пустината Атакама во Чиле кое е најсувото место на Земјата.

За да стане појасно како пресушил Марс, научниците ги анализираа податоците од роверот Кјуриосити на НАСА кој моментално е на Црвената планета. Роверот сега го истражува подножјето на планината Шарп, џиновска тумба висока 5,5 километри што се издига од центарот на кратерот Гејл, широк 154 км.

Влажната (и сува) историја на планината Шарп

Официјално позната како Аеолис Монс, планината Шарп „е огромен насип од талог – карпи депонирани од ветер и вода“, изјави за Space.com, главниот автор на студијата, Вилијам Рапин, планетарен научник од Универзитетот во Тулуз, Франција. Претходните истражувања процениле дека подножјето е старо 3,6 милијарди години, т.е ова време припаѓа во хесперијанскиот период (Hesperian period), кога планетата се трaнсформирала од влажно во суво место.

Вселенските летала во орбитата околу Марс ни дадоа траги за минералниот состав на падините на планината Шарп. Сега, користејќи го телескопот Remote Micro-Imager од инструментот  ChemCam на Кјуриосити, Рапин и неговите колеги го испитаа стрмниот терен на насипот  со цел да дознаат нешто повеќе за далечното минато на Црвената планета.

Со тек на многу време, геолошките настани можат да наталожат слоеви од карпи – на пример, вулканските ерупции можат да наталожат тенки слоеви пепел или дебели слоеви на лава. Научниците ги анализираат слоевите со цел да ги разберат настаните што ги создале, со што ја разбираат античката историја на некоја област или дури цела планета.

mars 2

Овој поглед на падините на планината Шарп ги покажува различните типови терени што биле истражувани и ќе бидат истражени од роверот Кјуриосити. Кредит за слика: НАСА / JPL-Caltech / MSSS / CNES / CNRS / LANL / IRAP / IAS / LPGN

Научниците се фокусираа на седиментните наслаги со дебелина од околу 850 метри. Подножјето на планината Шарп се состои од глина со дебелина околу 300 м која најверојатно е поврзана со езера. Наместо слоеви од глина, истражувачите идентификуваа слоеви склони на ерозија со дебелина од околу 150 м, веројатно создадени од ветровите за време на долг и сув период. Потоа, врз тие, научниците видоа тенки, наизменични светли и темни карпи, дебели околу 400 метри, кои се типични за поплавени подрачја, што значи дека се вратиле влажните услови.

„Можеме да забележиме промени во климата кои се „снимени“ во слоевите на насипот“, рече Рапин. Научниците ги објавија своите откритија на 8 април во списанието „Геологија“.

Предходните студии откриваат дека Марс целосно пресушил пред 3 милијарди години. Ова ново откритие ни кажува дека климата на Марс поминала низ неколку период на сушни и влажни времиња, пред целосно да се исуши.

Предвидено е „Кјуриосити“ да го искачи подножјето на планината Шарп и да избуши во различните карпи, со што можеби ќе дознеме дали дините за време на сувиот период биле направени од сол или од силикатни зрна.

„Доколку знамеме од што се создадени, можеби ќе ги дознаеме причините за промените на климата“, рече Рапин.

Превод:Христијан Петрески

Извор: space.com

Сподели.