Понекогаш во науката треба да го бараме невозможното и да се обидеме да направиме нешто толку неверојатно што делува смешно воопшто да се вложува во него, затоа што добивката би била огромна ако тоа успее. Затоа телескопот Роберт Ц. Бирд Грин Бенк ќе потроши време испитувајќи го првиот познат меѓуѕвезден посетител во Сончевиот систем, во случај истиот да е вонземски вселенски брод.
На крајот на октомври, телескопот ПАНСТАРРС 1 во Хаваи пронашол нешто за кое отпрвин се мислело дека е комета, именувана Ц/2017 У1. Со мапирање на неговата орбита стана јасно дека тоа не е можно да потекнува од Сончевиот систем и морало да биде формирано околу друга ѕвезда. Понатамошните проучувања не откриле траги од кома на комета, па затоа ова тело се смета за астероид.
Овој настан многумина ги потсетило на првите делови од класичното дело Средба со Рамa. Во книгата, се открива дека брзиот објект е всушност вонземски вселенски брод кого го истражува екипата на еден соодветно поставен човечки вселенски брод. Моментално ни недостасува технологија за такво нешто, но го користиме тоа што го имаме.
Пoнатамошните набљудувања ги зголемија сличностите. Оумуамуа, како што објектот е наречен, е исклучително издолжен – односот на неговата должина и ширина е 10:1 што е несвојствено за еден астероид, но би било соодветно за вселенски брод дизајниран за да го намали триењето со меѓуѕвездена материја.
Сепак, шансите ова да е вонземска креација се астрономски. Ави Лоеб, професор на Харвард, кажал за IFLScience дека орбитата не покажува знаци на движење за разлика од вселенски брод. Сепак, во случај да станува збор за најголемата научна вест на векот, проектот Breakthrough Listen објавил дека 10 часа од скапоценото време на голем радио телескоп ќе бидат посветени на барање сигнали на фреквенции од 1 до 12 гигахерци. Набљудувањата започнале во 15 часот источно време (20 часот Гриничко време, 21 во Македонија) на 13 декември. Лоеб забележа дека и покрај многубројните оптички набљудувања само нискосензитивни мерења се извршени со радио телескопи, што ги инспирирало Breakthrough Listen.
Оумуамуа се движи многу брзо и веќе е на 2 астрономски единици од нас, што ги прави набљудувањата со телескопи во видливиот спектар сè потешки и потешки. Но Ендру Сајмон од истражувачкиот центар Беркли СЕТИ забележа дека тоа е сепак помалку од два проценти од далечината меѓу нас и Војаџер, а оттаму примаме многу добри сигнали. Па ако има некакви радиоемисии на вистинските бранови должини, телескопот Бирд би требало да ги регистрира.
Дури и во веројатниот случај на непронаоѓање на вонземска активност, секогаш постои можност за друг вид на научно вреден резултат. И покрај се, постои општа согласност дека овој објект е необичен и покрај неговата орбита, иако повеќето не се согласуваат со теории како онаа според која Оумуамуа е всушност грутка темна материја. На колку повеќе фреквенции ја проучуваме, толку е поверојатно дека ќе најдеме одговори, како на пример можноста дека телескопот Бирд ќе открие мраз кој досега не го видовме.
Превод: Јоаким Јаковлески
Извор: IFLScience