Вселенскиот Телескоп Џејмс Веб на НАСА ја фотографираше најдлабоката инфрацрвена слика од универзумот до сега

0

Вселенскиот Телескоп Џејмс Веб на НАСА ја фотографираше најдлабоката и најквалитетната инфрацрвена слика од далечниот универзумот до сега. На првата длабока слика на Џејмс Веб го гледаме галактичкото јато SMACS 0723 заедно со илјадници галаксии, па дури и со најбледите објекти кои се некогаш набљудувани во инфрацрвена светлина.

смац

Заслуги: NASA, ESA, CSA, and STScI

Привидните димензии на набљудуваното поле се големи колку едно зрно песок во вашата рака – екстремно мало делче од огромните пространства во универзумот. Вкупната маса на галактичкото јато предизвикува гравитациски леќи и оптички ги доближува далечните галаксии, вклучувајќи и галаксии од универзумот кога тој имал старост помала од еден билион години. Оваа фотографија е сликана со Камерата за Блиска Инфрацрвена светлина (Near-Infrared Camera – NIRCam) на Џејмс Веб. Таа претставува композит од слики со различни бранови должини, чија вкупна експозиција изнесува 12.5 часа. На сликата се постигнати многу поголеми длабочини дури и од најдлабоките слики на Вселенскиот Телескоп Хабл, сликани пред само неколку седмици. Оваа фотографија е само почеток. Истражувачите ќе продолжат да го користат Џејмс Веб за уште подолги експозиции и ќе откријат голем дел од нашиот огромен универзум.

На сликата го гледаме галактичкото јато SMACS 0723 како што било пред 4.6 милијарди години, заедно со уште многу галаксии пред и зад истото. За галактичкото јато ќе дознаеме многу повеќе во блиската иднина кога истражувачите детално ќе ги анализираат податоците од Џејмс Веб. Истиот поглед беше фотографиран и со Камерата за Средна Инфрацрвена светлина (Mid-Infrared Instrument – MIRI), кој набљудува во средниот опсег на инфрацрвени електромагнетни зрачења.

NIRCam ги стави во фокус далечните галаксии. На фотографиите забележуваме мали бледи структури како ѕвездени јата и дифузни структури што никогаш не сме ги виделе претходно.

На светлината од овие галаксии ѝ се потребни милијарди години за да стигне до нас. Затоа, кога ги набљудуваме најмладите галаксии на сликата, ние гледаме назад во времето пред милијарди години веднаш после Големиот Прскот. Светлината од овие галаксии е растегната (како резултат на ширењето на универзумот) во инфрацрвени бранови должини за кои Џејмс Веб е дизајниран да ги набљудува. Наскоро истражувачите ќе ги проучат податоците и ќе научат за масите на галаксиите, нивната старост, историја и состав.

Во оваа фотографија особено се интересни истакнатите лакови. Моќните гравитациски леќи од галактичкото јато ја превиткуваат траекторијата на светлинските зраци од галаксиите во позадина, исто како што некоја лупа ги искривува и превиткува сликите. Исто така, како резултат на гравитациските леќи, ѕвездите изгледаат посветли при пократки бранови должини.

Сликата од инструментот MIRI нуди калеидоскоп од бои и истакнува каде има прашина која е важна состојка за формирање на ѕвезди, па дури и живот. Сините галаксии содржат ѕвезди, но многу малку прашина. Црвените објекти на сликата се обвиткани во густи слоеви прашина. Зелените галаксии изобилуваат со јаглехидрати и други хемиски соединенија. Истражувачите користат вакви податоци за да разберат како се формираат, растат и спојуваат галаксиите, а во некои случаи, и зошто престануваат да формираат нови ѕвезди.

Покрај фотографирањето, инструментите на Џејмс Веб прават спектари – податоци преку кои истражувачите дознаваат за физичките и хемиските својства на објектите кои понатаму се користат за изведување на нови заклучоци за фотографираните галаксии. Спектрографот во Блиска Инфрацрвена светлина (Near Infrared Spectrograph – NIRSpec) собра податоци за 48 индивидуални галаксии истовремено од кои дознаваме многу детали за галаксиите. Се работи за технологија која за прв пат се користи во вселената. Преку податоците гледаме дека светлината од една галаксија патувала 13.1 милијарди години пред да стигне до огледалата на Џејмс Веб. Податоците од NIRSpec сведочат за тоа колку детални можат да бидат спектарите на галаксиите набљудувани со Џејмс Веб.

За крај, инструментот NIRISS (Near-Infrared Imager and Slitless Spectrograph) на Џејмс Веб користи спектроскоп со широко поле за да прибере податоци за сите објекти во погледот наеднаш. Во резултатите забележуваме дека една од галаксиите ја гледаме како превртена.

Галактичкото јато SMACS 0723 е видливо во близина на соѕвездието Волантис на јужното небо.

Превод: Теодор Ангеловски

Извор: nasa.gov

Сподели.