Мистериозни појави во регион на создавање на планети

0

Единствени структури откриени околу блиска ѕвезда

Со помош на телескопот VLT (Very Large Telescope) на Јужната Европска опсерваторија (ESO) и телескопот Хабл на НАСА/ЕСА, астрономите за првпат открија структури во подрачјето на дискот од кој се формираат планети околу блиските ѕвезди. Многу брзите структури, кои потсетуваат на бранови, во близина на ѕвездата AU Microscopii, досега не се забележани, ниту пак некој досега го предвидел нивното постоење. Потеклото и природата на овие структури претставува мистерија, која астрономите допрва ќе ја проучуваат. Резултатите од ова истражување се претставени во списанието Nature, на 8-ми октомври 2015 година.Мистериозни појави во регион на создавање на планети

AU Microscopii, или скратено AU Mic, е име на млада ѕвезда во нашето непосредно соседство, околу кој има голем диск од прашина. Проучувањето на вакви дискови, може да донесе значајни податоци за тоа на кој начин од ваквите дискови се формираат планети.

Астрономите го проучуваа дискот на младата ѕвезда, за да пронајдат некаков знак на неправилности или индиција од грутчести структури, бидејќи тие често укажуваат на потенцијални планети. Во текот на 2014 г. астрономите со помош на на најмоќните методи со високи контрасти, кој го овозможува новопоставениот инструмент SPHERE на Многу големиот телескоп (VLT) на Јужната европска опсерваторија, се обидоа да откријат знаци слични на овие, но, ненадејно открија нешто многу необично.

Од Париската опсерваторија, авторот на овој труд посочува дека инструментот SPHERE прикажал необични структури внатре во дискот, во облик на бран.

Пет брановидни појави, воочени на оваа фотографија од различни оддалечености од ѕвездите, потсетуваат на бранови во вода. Откако ги приметиле необичните појави, тимот научници ги прочуваше фотографиите направени од телескопот Хабл на НАСА/ЕСА во 2010 и 2011 г. за да можат да утврдат дали структурите и тогаш биле видливи. Не само што ги приметиле истите појави, туку воочиле и дека тие се промениле со текот на времето. Според резултатите, овие појави низ дискот се движат многу брзо.

Анализирајќи ги сите податоци, тие откриле дека споменатите структури се оддалечуваат од ѕвездите со дури 40.000 км/ч. Тие структури кои се наоѓаат на многу големи далечини, исто така, изгледаат како побрзо да се движат од оние блиски до неа. Барем три структури се движат со брзини доволни да побегнат од гравитациското влијание на ѕвездите во чија околина се наоѓаат. Сепак, неопходно е повеќе од ова што би ги забрзало овие брановидни појави, што доволно зборува за нешто навистина необично.

Според научниците, тие засега не можат со сигурност да утврдат што довело до формирање на овие необични појави околу ѕвездите. Но, некои нивни идеи изгледаат повеќе од ветувачки.

Едно од објаснувањата за необичните структури лежи во ѕвездените факели. Според ко-авторот на овој труд, од опсерваторијата Стјуарт од САД, AU Mic е ѕвезда со висока активност, која многу често ослободува големи и ненадејни количини енергии од своите површини. Еден од овие факели можел да предизвика откинување на материјал од некоја друга планета, ако воопшто биле формирани. Таквиот материјал, потоа би можел да патува низ дискот потпомогнат од силата на ѕвездениот факел.

Тимот од научници планира да продолжи со набљудувањата на системот AU Mic со помош на инструментот SPHERE, вклучувајќи и други инструменти, како на пример телескопот АЛМА.

Но, сега за сега, оваа необична структура останува нерешлива мистерија.

Превод: Петар Ивановски

Извор: Astronomski Magazin

Сподели.