Во нашето секојдневие, постојано сме опкружени со огромен број на бактерии и микроорганизми. Ова важи дури и во околините со микрогравитација, како што е Меѓународната Вселенска Станица (МВС).
Истражувачи од САД и Индија, во соработка со НАСА, открија 4 различни видови на бактерии кои живеат во различни места на МВС, од кои дури три сѐ до сега беа сосема непознати за науката.
Три од четирите видови беа изолирани уште во 2015 година и 2016 година. Една од нив беше пронајдена на еден од горните панели во станицата за истражување. Друг вид на бактерија беше откриен во Куполата (модул за набљудување изграден од Европската Вселенска Агенција – ЕВА), а третиот вид беше пронајден на површината на масата за јадење. Четвртиот вид пак беше пронајден во еден стар ХЕПА филтер вратен на Земјата во 2011 година.
Сите четири видови припаѓаат на една иста фамилија бактерии, присутни во земјата и слатката вода. Тие придонесуваат во одржување на концентрацијата на азот во атмосферата, во растењето на растенијата и помагаат при запирање на патогени кај растенијата. Едноставно кажано, тоа се бактерии кои ви се потребни доколку сакате да одгледувате растенија.
Можеби се прашувате што бараат овие бактерии на МВС. Тоа и не е толку неочекувано бидејќи научниците веќе неколку години одгледуваат мали количини на храна на МВС.
Бактеријата пронајдена во ХЕПА филтерот е идентификувана како веќе позната бактерија наречена Метилорубрум родесианум. Другите три видови се детално анализирани и утврдено е дека се работи за претходно непознати видови. Научниците ги нарекоа IF7SW-B2T, IIF1SW-B5 и IIF4SW-B5.
Тимот предводен од генетичарот Свати Биљани од Универзитетот во Јужна Калифорнија го предложи името Метилобактериум ајмалии во чест на Ајмали Кан – познат индиски научник за биодиверзитет. Новото откритие е тесно поврзано со веќе познат вид наречен Метилобактериум индикум.
„За да одгледувате растенија во екстремни околини со минимални ресурси, клучно е изолирањето на нови микроби кои помагаат во процесот на растење кај растенијата под стресни услови,“ објаснуваат Кастури Венкатесваран и Нитин Камар од Лабораторијата за Млазен Погон на НАСА.
Со оглед на тоа што веќе знаеме дека овие микроби можат да опстанат под суровите околности на МВС, тимот изврши генетска анализа на четирите видови, сѐ со цел да пронајде гени кои би можеле да се искористат за да се подобри одгледувањето на растенија.
„Деталното генетско секвенцирање на видовите бактерии од МВС може да ни помогне во идните истражувања на тој начин што ќе дефинира генетски карактеристики на видовите бактерии од МВС во споредба со оние на Земјата,“ пишува тимот во нивниот научен труд.
„Дополнително, ова ќе ни помогне во идентификувањето на генетски детерминанти кои можеби се клучни во одгледувањето растенија под микрогравитација и ќе придонесе кон развојот на одржливи растителни култури за долготрајни вселенски мисии во вселената.“
Истражувачите заклучија дека една од бактеријата IF7SW-B2T има гени кои влијаат врз растењето на растенијата, како на пример генот за протеинот ензем потребен за цитокинин кој помага во процесот на поделба на клетките кај корените и младите гранки.
Потребно е да се извршат уште истражувања. Научниците сметаат дека ова е само почеток при истражувањето на микробниот диверзитет на МВС. Соберени се околу 1 000 примероци од МВС и сега чекаме истите да пристигнат на Земјата.
Научниците со нетрпение очекуваат да ги анализираат примероците и да се запознаат со новите бактериски видови.
Превод: Теодор Ангеловски
Извор: sciencealert.com