Научниците открија пријатно изненадување истражувајќи ги метеоритските удари на Земјата стари 500 милиони години

0

Можеби дождот од вселенски метеорити на нашата планета изминатите 500 милиони години не е тоа што мислиме дека е.

Преку анализирање на 8 484 килограми седиментни карпи од древно морско дно, научниците открија дека големите удари во астероидниот појас немаат значаен придонес кон бројот на метеоритски удари на Земјата, како што мислевме претходно.

Ова е откритие за кое научниците веруваат дека еден ден ќе ја спаси Земјата од астероидни удари.

астероиди

Уметнички приказ на астероидниот појас. Заслуги: Pablo Carlos Budassi/Wikimedia Commons/CC BY-SA 4.0

„До сега верувавме дека честите метеорити на Земјата се поврзани со драматичните настани во астероидниот појас,“ вели геологот Биргер Шмиц од Универзитетот Лунд во Шведска. „Новото откритие покажува дека уделот на метеоритски удари е многу стабилен.“

Не е едноставно да се дојде до прецизна историја на метеорити на Земјата. Ударите кои се резултат на големи вселенски тела и оставаат значителен кратер се ретки. Многу вселенски камења се распаѓаат уште на самиот влез во атмосферата, а зад себе оставаат само остатоци кои паѓаат на Земјата.

Шмиц и неговите колеги ги бараа токму овие остатоци – мали фрагменти од микрометеорити кои се зачувани во седиментните слоеви во Земјината кора.

Низ древните морски дноа во Кина, Русија и Шведска, истражувачите земаа илјадници килограми варовник преку кои тие ќе истражуваат 15 различни временски периоди од моменталниот геолошки еон Фанерозоик.

Сите парчиња варовник беа растворени во киселина. Тоа е техника која им овозможува на научниците да ги извадат минералите што содржат хром оксид кој е отпорен на деградирање и е дел од составот на многу метеорити.

„Успеавме да извадиме хром оксид од речиси 10 000 метеорити,“ вели Шмиц. „Потоа, преку хемиска анализа утврдивме од каков тип на метеорит доаѓа соодветниот примерок.“

Изненадувачки, резултатите од анализите покажуваат стабилен флукс на метеорити, кој во главно се состои од хондрити (каменести метеорити со занемарливо малку метал во својот состав). Овие вредности за флуксот на метеорити се слични со вредностите денеска. Исклучок за ова е зголемувањето на овој вид метеорити пред 466 милиони години кое се јавува поради распаѓањето на L-хондрит (метеорит со особено мало количество на железо).

Во овој временски период, флуксот се зголемил за фактор од 300. Дополнително, дури 99% од примероците припаѓаа на споменатиот L-хондрит. Иако постепено се намалуваат, овие вредности можат да се забележат и низ наредниот период од 40 милиони години. Дури и денеска, 1/3 од сите метеорити кој паѓаат на Земјата може да се поврзат со ова вселенско тело.

Според ова, астероидите кои го напуштаат астероидниот појас помеѓу Марс и Јупитер, изгледа како да доаѓаат од една многу мала област.

„Бевме изненадени кога разбравме дека само еден од 70-те најголеми удари од астероид кои се случиле во изминатите 500 милиони години предизвикал зголемување на флуксот од метеорити на Земјата,“ вели Шмиц. „Поради некоја причина, повеќето камења остануваат во астероидниот појас.“

Сѐ уште не ја знаеме причината, а таа може да ни помогне да предвидиме какви објекти можат да се судрат со Земјата и од каде доаѓаат тие. Секако, ова важи доколку откритието на истражувачите се валидира. Во нивниот научен труд, истражувачите напоменуваат дека резултатите можеби не се сеопфатни.

Помеѓу геолошкиот период Карбон и геолошкиот период Јура има временска разлика од 190 милиони години во која нема податоци за хондрити, а знаеме дека во ова време се случило распаѓање на астероид. Фамилија од астероиди кои се појавиле за време на геолошкиот период Креда – периодот со најголема густина на примероци – исто така не се забележани во податоците на тимот како зголемување на флуксот за овој вид на метеорити.

Идните истражувања треба да ги одредат причините зад ова интересно откритие. За сега, истражувањето претставува нов начин за разбирање на историјата за ударите од метеорити на Земјата, но и за тоа што можеме да очекуваме во иднина.

„Дури и удар од мал астероид во водена површина близу населена област може да има катастрофални последици,“ вели Шмиц. „Со ова истражување можеме да разбереме како да спречиме ваков настан. На пример, тоа можеме да го направиме преку менување на траекторијата на брзите вселенски тела.“

Превод: Теодор Ангеловски

Извор: https://www.sciencealert.com/scientists-have-tracked-meteorite-impacts-on-earth-over-the-last-500-million-years

Сподели.