Колку сме блиску до пронаоѓање на втора Земја?

0

Направете ја математиката: милијарди планети во галаксија, и милијарди галаксии во универзумот. Неверојатно е само една од сите да има карактеристики како нашата – големина на Земја, орбита околу ѕвезда налик Сонцето и сместена во зоната погодна за живот каде постојат услови за формирање на течна вода.

Зошто овие карактеристики се толку важни? Па, Земјата е единствената планета каде што со сигурност знаеме дека има живот. Логично е, според тоа, дека ако најдеме свет токму како нашиот, тој би бил барем потенцијално погоден за живот, а можеби и веќе има живот.

Така наречена „Земја 2.0“ е светиот грал за ловците на планети. Па, колку сме блиску, што точно бараме, и какви алатки имаме? Со оглед на тоа што е недела на егзопланети, ајде да видиме до каде сме.

Колку сме блиску?

Шансите се дека во текот на следните неколку години, ќе се појавуваат вести за сè повеќе планети налик Земјата, веројатно кулминирајќи со планета точно како нашата, што ќе може навистина да биде именувана Земја 2.0.

Зошто треба да поминат уште неколку години? Па, главно поради методот преку кој се пронајдени повеќето планети. Најголемиот дел од неколкуте илјади познати егзопланети се пронајдени со помош на вселенскиот телескоп Кеплер, којшто ги забележува планетите со набљудување на многу ѕвезди, барајќи опаѓања во светлината кога планетата поминува пред матичната ѕвезда. Интензитетот на опаѓањето може дури да ја определи големината на планетата. Овој метод е познат како метод на транзит.

Ограничувањата се очигледни. Прво, се потпираме на поминување на планетата во наш правец на набљудување релативно на ѕвездата, и се надеваме дека не го гледаме системот во “анфас”. Второ, и многу важно, за едно тело да биде потврдено дека е планета, мора да бидат набљудувани три одделни транзити. Ова ќе го разјасни периодот на орбита на објектот, и исто така ќе потврди дека телото навистина е во орбита, а не станува збор за некаков прелет.

Така, кога Кеплер беше лансиран во 2009, голем дел од планетите пронајдени на почетокот беа оние со многу куси орбити, бидејќи тие можат да бидат брзо потврдени. За планети во орбита како онаа на Земјата, со период од една година или слично, треба да чекаме три години набљудување.

Токму сега научниците почнуваат да поминуваат низ податоците за планети со подолг период, па оттука ни доаѓаат објави како Kepler-186f и Kepler-452b.

Речиси сигурно постојат уште многу планети налик Земјата скриени во податоците, голем дел од нив сè уште непрегледани.

Ова всушност не е единствениот метод за пронаоѓање на планети. Можеме исто така да го забележиме гравитацискиот ефект на планетата врз матичната ѕвезда, познат како метод на радијална брзина.

Но најголемиот дел од набљудувањата се потпираат на методот на транзит, и ова ќе продолжи и во иднина.

Кеплер-452б, илустрирана десно, споредена со Земјата, е најслична планета на Земјата пронајдена до сега. Заслуга: NASA/JPL-Caltech/T. Pyle

Што бараме?

Шансите се дека постои голем опсег од планети кои се потенцијално погодни за живот. Можеби планетите во тесни орбити содржат организми кои може да преживеат во екстремни услови. Можеби живот околу огромни ѕвезди еволуирал да се справува со радијацијата. Можеби течна вода постои на многу повеќе места отколку што сметаме. Проблемот е што имаме само еден пример за свет каде што успева живот, и тоа е Земјата. Така што, логично е да бараме планети токму како нашата.

Па, ако најдеме планета со иста големина како Земјата, во орбита на ѕвезда идентична на нашето Сонце, на иста позиција како нашата планета, би било разумно да претпоставиме дека е потенцијално погодна за живот. Блиску сме: Кеплер-452b е прилично слична, но е 60% поголема од Земјата. Кеплер-186f е 10% поголема од Земјата и орбитира во зоната погодна за живот, но нејзината матична ѕвезда е црвено џуџе, односно не е слична на Сонцето. Така, потрагата по идентичен клон на нашиот свет продолжува.

Можеби различни планети се исто така погодни за живот. За несреќа, во моментов, не ги знаеме границите на погодност за населување. Не знаеме дури ни како започнал животот на нашата планета, или дали е возможно да дошол од друго место. Зависи дали животот вообичаено настанува кога условите се добри, или е редок настан кога условите се совршени.

Подемот на ловците на планети

Во потрагата по Земја 2.0 и други интригантни светови, ќе помогнат неколку нови телескопи кои се на пат.

Во 2017, ќе биде лансиран TESS – Transiting Exoplanet Survey Satellite. Додека Кеплер набљудува само мал дел од небото, TESS ќе го истражува целото небо, набљудувајќи 400 пати повеќе од она што Кеплер имал можност да види, или вкупно 500000 ѕвезди вклучувајќи ги и најблиските 1000 црвени џуџиња до Земјата. Близината на овие ѕвезди, околу кои TESS ќе се фокусира за пронаоѓање на карпести планети со големина на Земјата, ги прави примарни во наредни набљудувања од други телескопи.

Еден од другите телескопи е JWST – James Webb Space Telescope, кој треба да биде лансиран во 2018. Оваа опсерваторија ќе содржи огромно огледало направено од помали хексагонални сегменти, и се смета за наследник на Хабл, со способност да утврдува објекти седум пати подобро од неговиот претходник. Со неговата моќ, би требало да може да проучува атмосфери на некои егзопланети што се релативно блиску до Земјата, во рамките на неколку десетици светлински години, барајќи знаци на постоење на живот, вклучувајќи гасови како метан и јаглерод диоксид и други биолошки „потписи“.

Неколку години по пуштањето на JWST, не е чудно да се надеваме дека може да има неколку Земји 2.0 спремни за набљудување од податоците на TESS.

Универзумот погоден за живот

Пронаоѓање и проучување на реплики на Земјата ќе биде големо достигнување, и научниците со нетрпение чекаат да откријат друга Земја. Но можеби дури поважно откритие е на повидок – дека Земјата е дел од многу поголемо семејство на населиви светови.

Веќе знаеме дека Земјата не е центар на универзумот, па можеби треба да прифатиме дека не е ниту центар на населивиот универзум.

Превод: Биљана Велинова

Извор: IFLS

Сподели.