Како мириса комета?

0

Вселената мириса на жежок метал и добро испечен стек, додека центарот на Млечниот Пат на рум, а има вкус на малини.

Но за жал, не сите места во Вселената се вака пријатни за сетилата. Според научниците кои работат на леталото Розета (Rosetta), мирисот во орбитата на една комета е благо кажано одвратен…

Розета ја анализираше кометата 67п/Чуриумов-Герасименко (67p/Churyumov-Gerasimenko) од нивната средба во август годинава. Кометата е насочена кон Сонцето и како што се приближува кон него, зголемената температура предизвикува испарување на некои од супстанциите во неа. Тие се анализирани од ROSINA и двата големи спектрофотометри на Розета. Првите резултати од 11 септември покажуваат присуство на H2O (вода), CO (јаглерод моноксид), CO2 (јаглерод диоксид), NH3 (амонијак), CH4 (метан) и CH3OH (метанол). Последните резултати ги додадоа и CH2O (формалдехид) H2S (водород сулфид), HCN (водород цијанид), SO2(сулфур диоксид), CS2 (јаглерод дисулфид). Водата, јаглерод диоксидот и јаглерод моноксидот се застапени во најголем процент. Но, другите дефинитивно не би сакале да бидат дел од вашиот парфем. Описот на Kathrin Altwegg најдобро го покажува тоа:

„Парфемот 67 P/C-G е прилично силен, со мирис на расипани јајца (водород сулфид), измет од коњ (амонијак) и силниот, загушувачки мирис на формалин (формалдехид). Помешано со бледиот, горчлив и бадемаст вкус на водород цијанидот, аромата на оцет од сулфур диоксидот, малку сладок додаток од јаглерод дисулфидот и најпосле алкохолен здив кој го дава метанолот – се добива рецептот за овој уникатен парфем.“

Розета и 67 P/C-G во моментот се на 463 милиони километри од Сонцето, меѓу орбитите на Марс и Јупитер. Како што кометата навлегува во внатрешниот Сончев систем, активноста на гасовите се зголемува, поплавувајќи ја кутрата Розета со оваа смрдеа. Розета ќе го испрати теренското возило Phillae на 12-ти овој месец за да собере материјал од самата комета.

Инаку, кометата 67 P/C-G доаѓа од Кајперовиот појас. Нејзиниот хемиски состав ќе биде зачуван за споредба со оние од Ортовиот облак и од други места во Вселената. Дознавањето на хемискиот состав не служи само за одредување на можниот мирис на овие објекти, туку и на нивното потекло, односно овие податоци може да имаат улога во решавањето на проблемите врзани со потеклото и еволуцијата на Вселената.

Превод: Милан Велков

Извор: IFLS

Сподели.