Како да препознаете метеорит во 7 чекори?

0

Прво, многу е битно да ја знаеме разликата помеѓу метеороид, метеор и метеорит. Метеорид е релативно мало карпесто или метално небесно тело кое се движи во Вселената. Кога некој метеороид ќе навлезе во атмосферата на планетата Земја, поради својата огромна брзина, настанува аеродинамично загревање и креирање на светла „опашка“, оваа атмосферска појава се нарекува метеор. Доколку метеороидот целосно не се распадне при преминот низ атмосферата и падне на површината на Земјата, тој станал метеорит.

Како да препознаете метеорит во 7 чекори?

Шема која ги прикажува различните видови астероиди и метеороиди. Заслуги: Wikmedia Creative Commons

Повеќето метеороиди целосно се распаѓаат во атмосферата. Всушност, на годишно ниво, само околу 5 до 10 метеороиди кои биле набљудувани се пронајдени на површината на Земјата како метеорити. А уште помалку метеорити се доволно големи за да лежат во свој кратер.

Додека се шетате во природа и наидете на некој „чуден“ камен, како ќе знаете да направите разлика помеѓу обичен камен и метеорит? Еве седум едноставни тестови кои можете да ги направите за да проверите.

1. Метал

Повеќето метеорити содржат метал. Доколку на скршена површина забележите метален одблесок, можеби имате метеорит.

2. Густина

Метеоритите кои содржат поголема количина на метал се многу погусти и потешки од обичните камења. Доколку каменот е значително потежок од обичен камен со ист или сличен волумен, најверојатно е метеорит. Но, битно е да се напомене дека не сите метеорити се погусти и потешки од обични камења.

3. Магнетни својства

Многу метеорити содржат гранули од железо-никел или пак во голем дел се составени од железо-никел. Железото од металната структура се привлекува со магнет. Доколку каменот е привлечен од магнет, можеби е метеорит. Но, запомнете дека и некои обични камења на планетата Земја се привлекуваат со магнет.

4. Хондрули

Некои примитивни метеорити имаат мали кружни грануловидни делчиња на површината, кои се нарекуваат хондрули. Некои седиментни или вулкански камења исто така може да имаат округли делчиња кои изгледаат слично на хондрули. Доколку каменот има вакви хондрули, можеби е метеорит.

Како да препознаете метеорит во 7 чекори?

Метеорит пронајден во Алжир, на кој јасно се забележливи повеќе хондрули.

5. Фузирана кора

Како што напоменавме погоре, кога метеороидот преминува низ атмосферата, тој се загрева, а може да се загрее до тој степен што неговата површина може да се стопи и да создаде таканаречена фузирана кора. Доколку површината на каменот изгледа како стопен метал, најверојатно имате метеорит. Битно е да се напомене дека доколку најдете ваков метеорит, тој е неодамна паднат, бидејќи со тек на времето оваа нежна кора се распаѓа.

6. Текстура слична на отисоци од прсти

При премин низ атмосферата, не сите делови од објектот подеднакво се топат; некои делови може да еродираат и да создадат формации кои изгледаат како отисоци од прсти притиснати во парче глина. Големината на овие формации варира од помалку од сантиметар, до околу 10 сантиметри. Доколку каменот има вакви формации, тој камен е метеорит.

7. Тест на трага

Повеќето метеорити не оставаат трага, но површините на некои метеорити можат да остават црвеникава трага доколку биле оксидирани (‘рѓосани). Доколку го повлечете вашиот примерок на „површина за траги“ (најчесто бела керамичка плочка) и тој остави црвеникава/портокалова линија зад себе, веројатно се работи за чест минерал на Земјата, наречен хематит. Доколку примерокот е магнетен и остава црна или сива трага, можеби се работи за чест Земјен минерал на железо оксид, наречен магнетит. Дали вашиот примерок предизвикува појава на трага? Доколку не, веројатно имате метеорит.

Како да препознаете метеорит во 7 чекори?

Метеорите не оставаат трага. Доколку забележите вакви траги на подлогата, најверојатно се работи за хематит или магнетит.

Превод: Бобан Панов

Извор: Geology IN

Сподели.