Докази укажуваат дека животот на Земјата започнал со паѓање на метеорити во мали топли езерца

0

Животот на Земјата започнал пред некаде помеѓу 3.7 и 4.5 милијарди години, откако повеќе метеорити се распрснале и испуштиле неопходни елементи во мали топли езерца, според научниците на Универзитетот МекМастер и Институтот Макс Планк во Германија. Нивните пресметки укажуваат дека влажни и суви циклуси ги врзале основните молекуларни градбени блокови во нутритивно богатата супа во барите во самореплицирачки молекули на РНК, кои го сочинувале првиот генетски код на живот на планетата.

Докази укажуваат дека животот на Земјата започнал со паѓање на метеорити во мали топли езерца

Претстава на различните влијанија врз супстанците во мали топли езерца за време на сува и влажна фаза од циклусот. Заслуги: McMaster University

Иако концептот на „мали топли бари“ е тука уште од времето на Дарвин, истражувачите сега ја докажале неговата веродостојност преку бројни пресметки основани на докази.

Водечките автори, Бен Пирс и Ралф Пудриц, велат дека достапните докази укажуваат дека животот започнал додека Земјата сè уште се обликувала, со континенти кои испливувале од океаните, метеорити кои ја бомбардирале планетата, вклучувајќи ги и оние кои ги носеле градбените блокови на живот, и без заштитен озон да ги филтрира ултравиолетовите зраци на Сонцето.

Нивниот труд, со соработниците Димитри Семенов и Томас Хенинг од Институтот за Астрономија Макс Планк, беше објавен во Зборникот на Националната Академија на науките.

„За да го разбереме потеклото на животот, треба да ја разбереме Земјата каква што била пред милијарди години. Како што покажува нашиот труд, астрономијата обезбедува витален дел од одговорот. Деталите на тоа како се формирал нашиот Сончев Систем имаат директни последици за потеклото на животот на Земјата,“ вели Томас Хенинг, ко-автор на трудот.

Докази укажуваат дека животот на Земјата започнал со паѓање на метеорити во мали топли езерца

Слика од топло мало езерце на сегашната Земја во националниот парк Ласен Вулканик, Калифорнија. Заслуги: Ben K.D. Pearce, McMaster University

Искрата на живот, како што велат авторите, била формирањето на РНК полимери: неопходните компоненти на нуклеотиди, донесени од метеорити, достигнувајќи доволни концентрации во водата од езерцето и сврзувајќи се како што нивоата на водата растеле и се намалувале при циклуси на врнежи, испарување и одводнување. Комбинацијата на влажни и суви услови била неопходна за сврзувањето, вели трудот.

Истражувачите веруваат дека во некои случаи, поволните услови причиниле преплетување на дел од синџирите и спонтано себереплицирање со влечење на други нуклеотиди од нивната средината, исполнуваќи еден услов од дефиницијата на живот. Тие полимери биле несовршени, способни за подобрување преку Дарвинова еволуција, исполнувајќи го другиот услов.

Таа основна форма на живот би довела до евентуален развој на ДНК, генетскиот потпис на повисоки форми на живот, кои ќе се развијат многу подоцна. Светот би бил населен само од РНК-базиран живот, до развојот на ДНК.

„ДНК е премногу комплексна да би била првиот аспект на живот кој би се развил,“ вели Пудриц. „Морало да започне со нешто друго, а тоа е РНК.“

Пресметките на истражувачите покажуваат дека потребните услови биле присутни во илјадници езерца, и дека клучните комбинации за формирање на живот е многу поверојатно да се појавиле во такви езерца отколку во хидротермални отвори. Водечката ривалска теорија вели дека животот започнал во пукнатини на океанското дно, каде елементите на живот се споиле во изливи на загреана вода. Авторите на новиот труд велат дека е неверојатно такви услови да создадат живот, бидејќи врзувањето потребно за формирање на РНК бара и влажни и суви циклуси.

Се чини дека пресметките исто така ја елиминираат вселенската прашина како извор на нуклеотиди за формирање на живот. Иако таква прашина навистина ги носи вистинските материјали, истражувачите заклучиле дека не биле депонирани во доволни концентрации за да создадат живот. Во тоа време, рано во животот на Сончевиот Систем, метеоритите биле многу почести, и би можеле да паднат во илјадници бари, носејќи ги градбените блокови на животот. Пирс и Пудриц планираат да ја стават теоријата на тест оваа година, кога МекМастер ја отвара лабораторијата „Потекло на животот“ што ќе ги рекреира условите на пред-живот во затворена средина.

„Возбудени сме што ќе може да склопиме теоретски труд што ги комбинира сите овие теми, прави јасни претпоставки и нуди јасни идеи кои можеме да ги однесеме во лабораторијата,“ вели Пудриц.

Превод: Биљана Велинова

Извор: Phys

Сподели.