Џуно сондата на НАСА на Јупитер откри нов циклон со големина на Тексас

0

Вселенското летало кое орбитира околу гасовитиот џин откри бури во форма на хексагон под горниот слој на облаците на планетата. 

jupiter 6toagolnik

Шеста бура беше откриена како беснее под облаците на Јупитер. Извор: NASA/JPL-Caltech/SwRI/ASI/INAF/JIRAM

Џуно, вселенското летало на НАСА кое орбитира околу Јупитер од 2016 година откри нов гигантски циклон на јужниот пол на гасовитиот џин. Станува збор за шестиот од сега веќе хексагоналната низа циклони кои орбитираат околу една централна бура..

Научниците го објајвија своето откритие минатиот четврток на состанокот на Унијата на Американски Геофизичари во Сан Франциско.

Ѕиркање под облаците на Јупитер

Вселенското летало Џуно беше лансирано во 2011 и влезе во орбита околу Јупитер во 2016. Негова примарна мисија е да открие како Јупитер се формирал и еволуирал со тек на време. Станува збор за прва мисија која може да гледа под горниот слој од облаците на Јупитер.
Џуно поседува камера која може да ја забележи инфрацрвената светлина која Јупитер ја емитира од својата атмосфера. Камерата им дозволува на научниците да го следат движењето на гасот под површината на планетата. При последното истражување, камерата откри комплексни движења кај облаците на Јупитер кои не беа забележани претходно.

Едно од откритијата на Џуно во 2016 беше серијата на енормни бури подредени како пентагон околу јужниот пол на Јупитер, со една централна бура опкружена од пет циклони. Сега мисијата забележа нова бура која се придружи на останатите, формирајќи хексагонална низа од бури околу јужниот пол на планетата. Централната бура е со големина приближна на континенталната површина на Соединетите Држави, а новата бура е со големина на Тексас.

Од натрапник до семејство

Подредувањето на бурите на полот на гасовитиот џин е изненадување за планетарните научници. Врз основа на симулациите тие очекуваа појавувањето на нова бура да предизвика „канибализам“, настан при кој бурите би се проголтале една со друга и би креирале еден голем вител.

Но моделите покажуваат дека овие бури не би се растуриле наскоро.

Кога астрономите ги симулирале овие структури и ги промениле големината и јачината на „тампон зоните“ во гасовите околу бурите, бурите всушност се одбивале една со друга доволно силно за да не се спојат. Моделите прикажале дека всушност новата бура најверојатно се приклучила кон кругот без да го наруши подредувањето на останатите.

„Натрапникот стана дел од семејството,“ изјави плантарниот научник и дел од тимот на Џуно, Ченг Ли, за време на прес-конференцијата.

Научниците се уште не разбираат во целост што го предизвикува специфичното подредување на бурите на Јупитер. Понатамошните набљудувања би требало да им овозможат да создадат подобри симулации и да ги откријат мистериите околу поларните бури на Јупитер.

Превод: Даница Ѓорѓевска

Извор: http://astronomy.com

Сподели.