Зошто суперновата 1987А потсетува на прстен?

0

П: Зошто суперновата 1987А изгледа на прстен а не на топка од отпад? Џејмс Џонсон, Индијанаполис

О: Суперновата 1987А е остаток од супернова во Големиот Магеланов облак, најголемата сателит-галаксија на Млечниот пат. Остатокот е создаден по експлодирањето на огромна ѕвезда – настан кој го видовме на Земјата во февруари 1987. Оттогаш, остатокот има еволуирано со ширењето на енергијата од експлодираната ѕвезда, судирајќи се во непосредните гасови и прашина.

sn1987a

Ѕвездата одговорна за суперновата 1987А исфрлила повеќе материјал во одредени насоки. Уметничкиот приказ покажува како остатокот од суперновата би можел да изгледа од гледна точка различна од Земјината. Прстени од материјал се осветлуваат додека ударните бранови од суперновата поминуваат низ нив. Заслуги: ЕЈО/Л. Калсада

Но ако експлозијата пратила материјал и енергија во сите насоки, тогаш зошто тој остаток изгледа на три прстени наместо на топка? Одговорот лежи во тоа што се случило пред суперновата, во однесувањето на првичната ѕвезда, осудена на експлозија. Како што ѕвездата се приближувала кон крајот на својот живот, таа еволуирала од црвен во син суперџин. Во исто време нејзините ветрови се промениле од густи и бавни во ретки и брзи. Кога брзите ветрови се судриле со побавните ветрови од претходно, истите натрупале материјал околу ѕвездата. Исто така, астрономите веруваат, врз основа на фактори како магнетното поле и ротацијата на ѕвездата додека таа бил црвен суперџин, дека поголем дел од материјалот се натрупал околу екваторот и околу половите. Кога побрзите ветрови се судриле со тие региони, тие создале три прстени.

Кога ѕвездата конечно експлодирала, таа енергија се раширила во сите насоки. Прстените кои што ги гледаме сега се предизвикани од шокови кои што се појавиле при сударот на таа енергија со постоечките прстени, палејќи го гасот и осветлувајќи ги прстените. Другите области околу мртвата ѕвезда не светат како топка бидејќи таму нема многу материјал – истиот е воглавно собран во трите прстени од пред експлозијата. Со тек на времето, овие прстени наизглед се менуваат и шират додека енергијата се движи низ нив, осветлувајќи нови региони додека материјалот поблиску до ѕвездата почнува да се гаси по шокот од експлозијата.

За нештата да се искомплицираат, астрономите очекуваат дека експлозијата од суперновата не била симетрична, туку пратила повеќе енергија во една насока, со тоа нагласувајќи го обликот на остатоците кои што можеме да ги видиме, кој не изгледа на топка.

Превод: Јоаким Јаковлески

astronomy.com

Сподели.