Во внатрешноста на гасовитите џинови се наоѓа темен водород?

0

Откако научниците успеаја да произведат таканаречен темен водород (dark hydrogen) во лабораториски услови, состојба која се среќава во преминот помеѓу гас и метал, се чини дека истиот може да постои и во природата, особено во внатрешноста на гасовитите џинови.

Ако дадените хипотези се покажат како точни, проучувањето на темниот водород во лабораториски услови може да даде одличен увид во механизмите кои владеат во гасовитите џинови, на пример начинот на којшто се ослободуваат од вишокот топлина, или  создавањето на магнетото поле.

„Овој темен водород е целосно неочекуван  и спротивен на резултатите од претходните модели на трансформација на водородот од гас во метален водород во внатрешноста на небесните тела. Благодарение на наведените набљудувања можеме да го објасниме начинот на кој гасовитите џинови како Сатурн, се ослободуваат од вишокот топлина“ открива Александер Гончаров (Alexander Goncharov) од Институтот за наука Карнеги (Carnegie Institute of Science) во Вашингтон.

Запомнете, до неодамна, се мислеше дека водородот постои во две форми, едната е класичен водород во гасовитата форма, каков што го среќаваме на Земјата, и метален водород, кој се наоѓа длабоко во јадрото на гасовитите џинови. Овие состојби на водород изложени на екстремни услови во внатрешноста на гасовитите џинови, постојат во форма на течен метал, способен да спроведе електрицитет без отпорност.

За разлика од двете наведени состојби, новооткриениот темен водород се наоѓа на пола пат помеѓу споменатите. Затоа се мисли дека овој водород може да се најде некаде подлабоко во внатрешноста на гасовитите џинови, на пола пат помеѓу површината и јадрото. Се нарекува темен бидејќи не ја рефлектира, но исто така и не ја зрачи светлината во видливиот спректар. Од друга страна, способен е да зрачи топлина и ниско ниво на електрицитет, со што може да се објасни формирањето на планетарното магнетно поле.

За да се разбере што се случува со водородот кој е изложен на екстремни температури и притисок, истражувачите одлучиле да симулираат услови слични на оние го гасовитите џинови.  Користејќи преса направена од дијамант и загреана со ласер, го изложиле на притисок 1.5 милиони пати поголем од атмосферскиот, со температура од 5.538 °C.

За крај, да кажеме дека научниците од Универзитетот од Единбург оваа година успеале да произведат и метален водород, изложувајќи го под притисок 3.25 милиони пати поголем од атмосферскиот, со што, уште повеќе се приближиле до создавање на механизмите кои владеат во јадрото на гасовитите џинови.

Превод: Александра Бошкова

Извор: Знаност

Сподели.