Една година живот во Вселената – лансирање денес

0

Вечерва во 20:42 часот по наше време од космодромот Бајконур во Казакстан ќе бидат лансирани двајца космонаути и 1 астронаут. Двајца од нив, Американецот Скот Кели (Scott Kelly) и Русинот Михаил Корниенко ќе отпатуваат на едногодишна мисија на Меѓународната вселенска станица. Трет член на леталото Сојуз ќе биде космонаутот Генадиј Падалка, кој е и капетан на Сојузот. Во живо лансирањето може да го гледате на следниов линк, директниот пренос од активностите пред лансирањето започнува во 19:30.

Една година живот во Вселената – лансирање денес

Лево – Скот Кели и десно – Михаил Корниено – двајцата за првпат ќе претстојуваат 1 година на Меѓународната вселенска станица.

Ова ќе биде првпат во историјата на станицата двајца членови да останат на станицата цела година; досега нормалните постави траеја по околу 6 месеци. Со оваа мисија се овозможува во еден подолг период истражување на тоа како влијае Вселената врз човековиот организам и како може тоа да го искористиме во иднина при подолготрајни летови до некој астероид или пак до планетата Марс. Дополнителни медицински истражувања и тестови ќе се извршат и на братот близнак на Скот Кели, пензионираниот астронаут Марк Кели, кој за време на целокупниот престој на Скот на МВС ќе биде испитуван долу на Земјата од страна на тимот на НАСА. Овој заеднички проект на НАСА и Роскосмос ќе овозможни подобра соработка помеѓу вселенските агенции како и споделување на резултатите од овие истражувања меѓу медицинските тимови.

Сепак, ова нема да биде прв пат луѓе да бидат повеќе од една година во Вселената. Пред 20 години, на 22 март 1995, на Земјата се врати Валери Полјаков, рекордерот по престој во Вселената со поминати 438 дена во текот на една мисија на Руската станица Мир. Уште тројца космонаути го имаат поминато повеќе или точно 1 година на Мир, тоа се Сергеј Авдејев со 380 денови, Владимир Титов и Муса Манаров со 365 денови без да се вратат на Земјата. Апсолутен рекорден за престој во Вселената е сегашниот заменик претседател на корпорацијата Енергија, која е еден од главните производители на ракети и вселенски компоненти, Сергеј Крикалев кој има поминато 803 денови во Вселената во вкупно 6 летови, но после 6-месечната мисија и овој рекорд ќе биде соборен од страна на Падалка кој досега има акумулирано 710 денови поминати во Вселената во вкупно 4 летови.

Амблемот за едногодишната мисија

Амблемот за едногодишната мисија

Сподели.