Древна мистерија за супернова откриена во длабочините на океанот

0
Древна мистерија за супернова откриена во длабочините на океанот

Примерок од Кора 23 КД: Примерок од оваа FeMn кора (со дебелина од 25 cm) бил земен од длабочините на Тихиот Океан на длабочина од 4.830 метри. Големи примероци користени во овој труд биле земени од делови на оваа кора./ Заслуги: А.Валнер, Nature Communications 2015

Дел од главните материјали кои се значајни за формирањето на животот каков што го познаваме (на пример железо, калиум, јод) се создаваат при процесот на супернови и потоа сеа расфрлени низ Вселената. Но, овие ѕвездени експлозии дополнително создаваат и материјали како олово, сребро, злато, како и потешките радиоактивни елементи како ураниум и плутониум. „При своето патување низ галаксијата, мала количина од оваа расфрлена ѕвездена содржина, добиена од далечните експлозии, паѓа на Земјата,“ вели Антон Валнер од Австралискиот национален Универзитет.

Со цел да ја одредат количината на тешки елементи, во прашината од длабочините на морето, за која се мислеше дека претставува прашина добиена од супернова, Валнер и неговите колеги анализирале 10-сантиметарски дебели примероци од Земјината кора (прикажана погоре) која претставува резултат од таложење во период од 20-тина милиони години , како и седимент собран од стабилна област на дното од Тихиот Океан. Тие се фокусирале на плутониум-244, кој има улога на часовник, благодарение на природата на неговото радиоактивно распаѓање: Тој има полу-живот (временски период во кој половина од атомите на одреден материјал подлегнуваат на радиоактивно распаѓање) од 81 милиони години. По анализите тимот бил изненаден.

„Анализиравме галактичка прашина од изминатите 25 милиони години која се насобрала во океанот и откривме дека има доста помала количина на тешки елементи како ураниум и плутониум, од онаа што ја очекувавме.“ кажува Валнер. „Откривме 100 пати помалку плутониум-244 отколку што очекувавме.“

Било кој плутониум-244 кој постоел кога нашата планета се создала од интергалактичкиот гас и прашина, одамна е веќе распаднат во периодот од 4 милијарди години постоење на планетата. Валнер додава: „Тоа значи дека секој плутониум-244 кој го наоѓаме на Земјата денес, мора да бил создаден во експлозии кои се имаат случено доста скоро, за време на претходните неколку стотици милиони години.“

Пронајдоците, објавени во Nature Communications, покажуваат дека најтешките елементи не биле создадени при стандардните супернови. Напротив, овие несовпаѓања укажуваат дека тешките радиоактивни членови на периодичниот систем биле создадени во многу поретки и повеќе експлозивни настани, како оние кога настанува спојување на две неутронски ѕвезди, со тоа што било која од двете, може да има маса колку нашето Сонце и тоа во сфера со големина на просечен град.

Превод: Бојан Андоновски

Извор: IFL Science

Сподели.