Докази дека Хигсовиот бозон се распаѓа во фермиони

0

За првпат научниците во ЦЕРН најдоа докази дека Хигсовиот бозон директно се распаѓа во фермиони, што е уште една цврста индикација дека оваа честица се однесува онака како што е предвидено со Стандардниот модел на честици.

За прв пат, научниците од CMS експериментот на Големиот хадронски судирач (Large Hadron Colider – LHC) во ЦЕРН успеаа да најдат докази за директното распаѓање на Хигсовиот бозон во фермиони. Претходно оваа честица можеше да биде детектирана само преку нејзиното распаѓање во бозони. „Ова е огромен чекор напред. Сега знаеме дека Хигсовиот бозон може да се распаѓа и во бозони и во фермиони“, вели професорот Винчензо Чиочиа, кој е претставник на групата научници вклучена во анализирањето на податоците. Како група на елементарни честици, фермионите ја формираат материјата, додека бозоните се однесуваат како носители на силите меѓу нив.

Според Стандардниот модел, јачината на интеракциите помеѓу фермионите и Хигсовото поле мора да бидат пропорционални со нивната маса. Оваа претпоставка сега е потврдена и ова е цврста индикација дека оваа честица, откриена во 2012, се однесува како што е предвидено со теоријата.

Научниците ги анализирале податоците собрани со помош на LHC во периодот помеѓу 2011 и 1012, комбинирајќи ги распадите на Хигсовиот бозон во долни кваркови и тау лептони, кои припаѓаат во групата на фермиони. Резултатите покажуваат дека акумулацијата на овие распади доаѓа до околу масата на една Хигсова честица, односно 124 гигаелектронволти.

Потребни се посебни техники за мерење на начинот на распаѓање на Хигсовиот бозон. Три различни процеси биле проучени, додека пак посебна група научници се фокусирала на анализирање на Хигсовиот распад во тау честици. Бидејќи Хигсовите честици имаат многу краток период на живот, невозможно е да се детектираат директно, туку само преку нивните продукти по распадот. Долните кваркови и тау-честичките имаат доволно долг период на живот за да бидат директно измерени во CMS експериментот.

Извор: phys.org

Превод: Марко Шунтов

Сподели.