Десетте најголеми мистерии во научниот свет [I дел]

0
Десетте најголеми мистерии во научниот свет [I дел]

Универзумот. Извор: NASA, ESA, CFHT, CXO

Една од највозбудливите работи во науката е токму тоа што секогаш ќе останат необјаснети појави, неодговорени прашања за кои ќе треба да се истражува и бара одговорот. Следува топ-листа на 10 мистерии кои веќе долго ги измачуваат научниците.

Зошто има повеќе материја отколку антиматерија?

Според нашите досегашни познавања материјата и антиматеријата се спротивни. При средба се уништуваат, не оставајќи ништо зад себе. Најголемиот дел од овие поништувања се случиле во почетокот на Универзумот. Како и да е, останало доволно материја за да се создадат сите овие безброј галаксии, ѕвезди и останати објекти. Неколку од општоприфатените објаснувања ги опфаќаат мезоните, кои се краткотрајни субатомски честици создадени од еден кварк и еден антикварк. Б-мезоните се распаѓаат поспоро од анти-Б-мезоните, што веројатно резултирано со доволно Б-мезони кои ги преживеале судирите и кои сега ја чинат материјата во Универзумот. Понатаму, Б-, Д- и К-мезоните можат да се претвараат во античестици и повторно во честици.

Каде е сиот литиум?

На почетокот на Универзумот, кога температурите биле неверојатно високи, изобилувале изотопите од водород, хелиум и литиум. Водородот и хелиумот сè уште изобилуваат и ја сочинуваат речиси целата маса во Универзумот. Но, од литиумот има само околу третина од очекуваното количество. Постојат неколку теории кои се обидуваат да ја објаснат оваа појава. Дел од претпоставките ги вклучуваат бозоните од типот на аксиони, а други велат дека овој елемент е заробен во јадрата на ѕвездите и сè уште не може да биде детектиран со нашите телескопи.

Зошто спиеме?

Познато е дека луѓето функционираат со секојдневни циклуси на сон и будност. За време на спиењето нашите тела вршат обновувачки и одржувачки функции и во просек трошиме околу третина од животите спиејќи. Причините зошто токму ние ја имаме оваа потреба, а некои останати организми не, остануваат нецелосно објаснети. Една од идеите е дека животните кои спијат еволуирале со способноста да се кријат од предаторите, додека останатите кои постојано се на штрек се регенерираат на други начини, а не преку спиење.

Како функционира гравитацијата?

На сите ни е познато дека гравитацијата е причината зошто Месечината е одговорна за плимата и осеката на Земјата, за нашата планета да нè влече кон површината и за Сонцето да ги одржува останатите планети во орбитата околу себе. Но, колку навистина ја разбираме гравитацијата? Оваа моќна сила е создадена од материјата, па така помасивни објекти имаат поголема способност да привлекуваат други објекти околу себе, односно поголема гравитација. Иако, научниците знаат доволно за начините на кои гравитацијата се однесува, нема доволно информации за тоа зошто таа постои. Зошто атомите се претежно празен простор? Зошто силата која ги држи атомите заедно е различна од гравитацијата?

Каде се сите останати?

Универзумот кој можеме да го набљудуваме е 92 милијарди светлински години во дијаметар, исполнет со милијарди галаксии и безброј ѕвезди и планети. Сепак, сè уште немаме откриено докази за живот надвор од Земјата. Статистички, шансите се премали за ние да сме навистина единствените живи суштества во целиот Универзум. Постајат многу теории кои ги објаснуваат причините поради кои сè уште немаме откриено вонземски живот. Најчесто, се претпоставува дека поради технолошките ограничувања ние уште не успеваме да ги детектираме сигналите или пак, тие не се во можност да воспостават контакт.

Превод: Михаела Стојанова

Извор: IFLS

Сподели.