Како навистина изгледа патувањето со брзина блиска до брзината на светлината

0

Доколку сте љубители на научна фантастика, веројатно сте сретнале некои дела во кои е луѓето патуваат низ познатиот Универзум. Вселенските летала кои им го овозможуваат патувањето веројатно користат уреди за искривување на просторот, односно некаков погон за движење побргу од светлината или уреди за скокање во просторот.

Меѓуѕвезденото патување е предобра идеја! Но за жал, законите на физиката ни кажуваат дека тоа е невозможно.

Сепак, физичките закони кои владеат низ Универзумот ни дозволуваат да се движиме со брзина блиска до брзината на светлината, иако за тоа е потребно огромно количество енергија.

Но овие закони ни ги покажуваат и различните видови на предизвици со кои треба да се соочиме за да патуваме со ваква голема брзина. За среќа, научниците од НАСА направија едноставно анимирано видео во кое се опфатени сите потребни знаења од областа на меѓуѕвезденото патување.

Накратко кажано, според непроменливите закони на физиката (конкретно, Теоријата за релативност на Ајнштајн), не постои начин да ја достигнеме или надминеме брзината на светлината.

Тоа значи дека доколку сакате да одите на меѓуѕвездено патување, најдобро е да се подготвите за едно многу долго патување (на пр. Генерациско Вселенско Летало) или да пронајдете некаков погон кој ќе го забрзува леталото со константно забрзување се додека не се доближите до брзината на светлината (релативистичка брзина).

За полесно да се објаснат концептите во видеото насловено „NASA’s Guide to Near-light-speed Travel,“ меѓуѕвездениот патник (претставен како вонземјанин) си направил вселенско летало, способно да достигне брзина и до 90% од брзината на светлината (0.9c).

Видеото всушност претставува информационо видео наменето за меѓуѕвездениот патник. Започнува со следнава порака:

„Значи, само што заврши со финалните надоградувања на твојот вселенски брод и сега можеш да леташ речиси со брзината на светлината. Не сме сигурни како го изведе тоа, но ти честитаме! Сепак, пред да отпатуваш на твојот следен одмор, погледни го ова видео за да ги научиш безбедносните ризици при патување со брзина блиска до онаа на светлината, времето потребно за патување и растојанијата помеѓу некои интересни дестинации низ Универзумот.“

Занемарувајќи го прашањето како вселенското летало ги достигнува овие брзини, видеото се фокусира на големите проблеми кои доаѓаат при патување низ релативистичкиот Универзум.

Тука спаѓаат временското издолжување, потребата за заштита од зрачење во меѓуѕвездениот простор и времето потребно за да се стигне до најблиските дестинации како најблиската ѕвезда (Проксима Кентаури), најблиската галаксија (Андромеда) или најдалечната (GN-z11).

Јасно е дека се работи за сериозни предизвици и научниците низ целиот свет бараат начини да се справат со нив. Еден таков пример е Breakthrough Starshot – иницијатива да се прати едро на ласерски погон до Алфа Кентаури во наредните години. Користејќи го само погонот со насочена енергија, предложеното вселенско летало би можело да достигне 20% од брзината на светлината (0.2c) и би стигнало до ѕвездата за само 20 години.

Секако, за ова беа извршени нови истражувања на опасностите од меѓуѕвезденото патување и како резултат на истите, се пронајдоа некои креативни решенија за проблемите.

Дел од овие решенија се заштитата од радијација, комуникацијата, различните видови на камери и инструменти кои можат да измерат вредни податоци, типот и формата на едрото и како вселенското летало да успори кога ќе пристигне до дестинацијата.

Во меѓувреме, добра практика е да се образуваат луѓето со различни едукативни материјали и да им се укажат научните основи на нашите омилени научно-фантастични дела.

Воедно, тоа им е од помош на идните и амбициозни физичари кои се надеваат дека меѓуѕвезденото патување ќе биде реализирано во блиска иднина. Прво мора да се запознаете со предизвиците, а потоа да се справите со нив.

Видеото е дело на научниците и експертите за мултимедија од Goddard Media Studios (GMS), оддел во Центарот за Вселенски Летови Годард (англ. Goddard Space Flight Center – GSFC) на НАСА. Со проектот предводеше Крис Смит, мултимедиски продуцент и член на Асоцијацијата за Вселенски Истражувања при Универзитетите (англ. Universities Space Research Association – USRA) во одделот за Астрофизика на Годард. Дополнително, на проектот работеше и Кристофер Ким, исто така член на USRA и главен аниматор на видеото.

Превод: Теодор Ангеловски

Извор: sciencealert.com

Сподели.