Нов радио сигнал од Проксима Кентаури го поставува прашањето: Дали има вонземјани?

0

Проучувајќи ги архивираните податоци од радио-телескопот Паркс во Австралија, научниците велат дека откриле сигнал кој доаѓа од Проксима Кентаури – најблиската ѕвезда по Сонцето. Проксима Кентаури има барем една планета која може да биде погодна за живиот свет кој ние го знаеме. Постојат многу мали шанси дека сигналот потекнува од вонземјански суштества. Сепак, другите објаснувања се поверојатни.

Извонредните тврдења бараат извонредни докази. Никој (вклучувајќи ги и астрономите кои ги анализираат податоците) не може да тврди дека пронашол вонземјани. Научниот труд со деталната анализа нема да биде објавен дури до почетокот на 2021 година, па многу работи не знаеме. Но во постоечката наука, често се случува да се сретнеме со порано објавување на некои новости: The Guardian ја објави сторијата на 18ти Декември, по што научниците јавно се обратија преку списанието Scientific American, а експертите во SETI реагираа исто така.

Барањето на живот надвор од Земјата е главниот интерес на Планетарното Општество, а тука можете да најдете водич за тоа како да ги интерпретирате вестите. Без разлика на исходот, ваквите откритија се важен чекор од научниот процес. Ве поттикнуваме на внимание и скептичност и покрај што сметаме дека е природно да се чувствувате возбудени кога е во прашање постоењето на живот на други светови или кога размислувате за вашето место во вселената.

parks

Радио-телескопот Паркс е 64 метри широк. Лоциран е околу 380 километри западно од Сиднеј, Австралија. Заслуги: Ian Sutton

Сигнал

Сигналот беше пронајден  од Брејктру Лисен – приватно финансирана потрага по сигнали од интелигентни суштества.

Научниците од Брејктру Лисен детектираа сигнал додека ги надгледуваа ѕвездените одблесоци на Проксима Кентаури со цел да разберат како тие би влијаеле врз условите на планетите околу ѕвездата.

Радио сигналот се појавил во повеќе набљудувања на Проксима Кентаури спроведени со Радио-телескопот Паркс во април и мај 2020 година. Од тогаш сигналот не е детектиран.

Проксима Кентаури

Проксима Кентаури е најблиската ѕвезда (по Сонцето) до Земјата, лоцирана на само 4.2 светлосни години од нас. Таа е дел од системот Алфа Кентаури со три ѕвезди и е видлива со телескоп, но само од јужната хемисфера.

Проксима Кентаури има две познати екзопланети. Едната од нив, Проксима Кентаури b е само малку поголема од Земјата и се наоѓа во зоната погодна за живот – растојание кое не е ниту премногу топло, ниту премногу ладно и овозможува постоење на течна вода на површината на планетата.

Проксима Кентаури b е во плимина зависност со својата ѕвезда. Тоа значи дека едната нејзина страна постојано се пече од ѕвездата, а другата страна е обвиена во бескрајна темница. Исто така, планетата има мала орбита од само 11 дена, па зрачењето од Проксима Кентаури може да и ја одземе целата атмосфера на планетата. Токму овие причини ја прават оваа планета како место во кое шансите за животот каков ние што го знаеме се мали.

proksima b

Проксима Кентаури b – На овој уметнички приказ можеме да ја видиме планетата Проксима Кентаури b како орбитира околу својата ѕвезда. Лоцирана на 4.2 светлосни години од Земјата, Проксима Кентаури е најблиската ѕвезда до нашиот Сончев систем. Заслуги: ESO / M. Kornmesser

Зошто сигналот може да биде од вонземјани?

Фреквенцијата на сигналот од 982 мегахерци не е вообичаено користена од вселенски летала. Сигналот повторно се појави дури по завртување на телескопот кон друг дел од небото и повторно насочување кон Проксима Кентаури. Ова е дел од процедурата за калибрирање на телескопот и за проверување на интерференција од локални извори, како микробранови печки и сл.

За сега, не знаеме за некој природен астрономски феномен кој генерира радио-сигнали во тенок опсег на фреквенции од 982 MHz.

Зошто сигналот не би можел да биде од вонземјани?

Анализирањето на сигналот сѐ уште е во тек, а потоа објавените резултати треба да се прегледаат и од други научници .

Во сигналот е забележано и мало поместување во фреквенцијата. Ова е очекувано доколку трансмитерот на сигналот се наоѓа на планета која орбитира околу Проксима Кентаури. Но, за жал, кога ќе се земе во предвид насоката на орбитирање, поместувањето на фреквенцијата е во обратна насока од очекуваната насока.

Доколку само Паркс го детектирал сигналот и ако тој е присутен само во набљудувањата од минатата година, тогаш ќе биде многу тешко, а можеби и невозможно да се потврди дали сигналот навистина доаѓа од Проксима Кентаури.

Можеби сигналот доаѓа од нешто позади Проксима Кентаури. Тоа што ние не знаеме за некој природен феномен што може да го предизвика сигналот, не значи и дека такви феномени не постојат.

Превод: Теодор Ангеловски

Извор: planetary.org

Сподели.