СООПШТЕНИЕ ЗА ЈАВНОСТА И МЕДИУМИТЕ
Граѓанско-научната космичка агенција (ГНКА) официјално ја започнува иницијативата за основање на национална астрономска опсерваторија во Македонија, како стратешка научно-истражувачка и образовна инфраструктура од национално значење.
Во рамки на иницијативата е изработен сеопфатен проектен елаборат кој ги опфаќа научните, техничките, организациските и образовните аспекти на идната опсерваторија, како и моделите за нејзина имплементација и развој.

Историски контекст и континуитет
Идејата за астрономска опсерваторија во Македонија има долга историја која опфаќа повеќе од седум децении научни и институционални обиди.
Уште во 1961 година започнала изградба на астрофизичка опсерваторија на Зајчев Рид во Скопје, која била срушена со земјотресот во 1963 година. Во децениите што следуваа, различни универзитетски, научни и граѓански иницијативи ја продолжуваа оваа идеја, но без конечна реализација.
Денес, Република Македонија сè уште останува меѓу ретките европски држави без современа астрономска опсерваторија од национален карактер.
Зошто е потребна астрономска опсерваторија?
Современата астрономска опсерваторија претставува клучна научно-истражувачка инфраструктура која директно придонесува за:
- развој на науката и високото образование;
- унапредување на МИНТ дисциплините (математика, инженерство, наука и технологија);
- развој на дигитални и инженерски вештини;
- меѓународна научна соработка;
- вклучување на ученици и студенти во практична наука.
Проектот предвидува современа роботизирана и далечински управувана опсерваторија, достапна преку интернет, која ќе овозможи научни истражувања, образовни програми и јавни астрономски активности.
Изработен е сеопфатен проектен елаборат
ГНКА изработи детален елаборат кој ги анализира:
- потенцијалните локации;
- техничките и инфраструктурните решенија;
- моделите на управување;
- научно-истражувачките програми;
- образовните и јавните активности;
- долгорочниот развоен концепт;
Документот претставува основа за понатамошна комуникација со државните институции, универзитетите и научната заедница.
Формирање на Работна група
Паралелно со иницијативата, ГНКА формира Работна група за Македонската астрономска опсерваторија.
Работната група ќе има задача да придонесе кон:
- понатамошен развој на проектот;
- стручни и теренски анализи;
- воспоставување соработка со домашни и меѓународни институции;
- поддршка на јавни и образовни активности.
Во групата можат да се вклучат астрономи, инженери, ИТ експерти, наставници, студенти, ученици, научници и сите граѓани заинтересирани за развој на науката во Македонија.
Јавен повик
ГНКА ја повикува научната, академската и пошироката јавност да ја поддржи иницијативата за основање на Македонска астрономска опсерваторија како национален научен капацитет од долгорочно значење.
Целта на иницијативата е Македонија да се приклучи кон современиот развој на астрономијата, вселенските науки и научната инфраструктура.
Пријавување и поддршка
Заинтересираните лица можат да се приклучат на Работната група преку следниот формулар.
Поддршка за иницијативата може да се даде преку петицијата.
Дополнителни информации се достапни на веб-страницата на ГНКА.
Експертска рамка
Иницијативата е подготвена од Граѓанско-научната космичка агенција (ГНКА), преку експертска работна група составена од претставници од научниот и граѓанскиот сектор.
За медиуми и информации:
Граѓанско-научна космичка агенција (ГНКА)
Лице за контакт: Христијан Петрески
Е-пошта: makedonskagnka@gmail.com
Телефон за контакт: 070 753 966
Скопското астрономско друштво е активен член на Македонското КОСМИЧКО ДРУШТВО – националниот сегмент на Меѓународното КОСМИЧКО ДВИЖЕЊЕ (МКД) во Македонија.
Македонското КОСМИЧКО ДРУШТВО е сојуз што ги обединува македонските граѓански организации активни во областа на вселенските науки и до основањето на државна космичка агенција, во рамките на својот мандат и во согласност со Статутот на МКД, дејствува како Граѓанско-научна космичка агенција (ГНКА).
Преку ова членство, Скопското астрономско друштво придонесува кон заедничките цели на МКД за намалување на космичкиот јаз, промоција на мирољубивото истражување и употреба на вселената, како и дисеминација на меѓународното космичко право, вселенските науки и технологии.
Повеќе за МКД: https://cosmics.world/
Повеќе за ГНКА: https://makedonskagnka.weebly.com/


