Астероидот за кој се предвидуваше да ja удри Земјата во 2023-та се покажа дека ќе биде безопасен

0

На почетокот на оваа година, откривањето на потенцијално опасен астероид, ги растревожи научниците.

На 6-ти јануари годинава, астрономите при Опсерваторијата на планината Лемон во Аризона, открија астероид со пречник од приближно 70 метри. Врз основа на нивните првични набљудувања се чинело дека постои можност овој објект наречен “2022 AE1” – да удри на Земјата при неговото следно поминување, на 4-ти јули 2023 година.

asteroid 1

2022 АЕ1 виден со Калар Алто Шмит телескопот во Шпанија, на почетокот на јануари. (ЕСА)

Бидејки сите нејаснотии поврзани со орбитата на астероидите се најбројни во првите часови по откривањето, астрономите при повеќе различни опсерватории се трудат што поскоро да направат дополнителни набљудувања, со кои вообичаено се исклучува било каква можност за удар во иднина.

Сепак, врз основа на набљудувањата од првите седум ноќи, произлезе дека шансите за можен удар се зголемуваат. Заради ризик од потенцијален удар во иднина, астероидот 2022 АЕ1 беше означен како закана од страна на АстОД (Asteroid Orbit Determination), – автоматизиран систем што одредени астрономи низ светот го користат за пресметување на ризик од астероиди.

Згора на тоа, астероидот беше рангиран при врвот на Палермо скалата, која  астрономите ја користат при категоризација и одредување на степенот на ризик од удар. ЕСА и НАСА ја објавија веста на нивните информативни портали – веб сајтови за објекти во близина на Земјата (NЕО)  – дозволувајки секому, вклучително и на заинтересираните астрономи-аматери, да ги разгледаат.

Следната седмица ситуацијата станала уште позагрижувачка, кога не можеле да се изведат никакви набљудувања, затоа што полната месечина ги блокирала сите погледи насочени од Земјата кон астероидот.

Но, за среќа, штом астероидот можел повторно да биде следен, прибраните податоци за неговата патека откриле дека со текот на времето шансата за удар драстично се намалила. Оттогаш е потврдено дека 2022 АЕ1 нема да удри на Земјата во ниту еден момент во догледна иднина.

“Во изминатите 10 години откако сум во ЕСА, јас не сум видел објект со толкав ризик”, рекол Марко Микели, астроном од НЕОЦЦ (Near-Earth Object Coordination Centre) на ЕСА.

“Беше предизвик да се следи 2022 АЕ1 и одново да се коригира неговата траекторија, сé додека не поседувавме доволно податоци за да можеме со сигурност да кажеме, дека овој астероид нема да ја удри Земјата”.

Значи, со колкава прецизност астрономите ќе можат да ја отфрлат заканата од удар која првично се чинела толку извесна?

При набљудување на астероид, на самиот почеток тој е само еден мал податок, една светла точка на небото. Во тој момент не е јасно што е тоа ниту во која насока се движи. Микели појаснил дека е неопходно второ набљудување за да се разоткрие едно тело во движење, а за да се детерминира орбита т.е. каде се упатило и со која брзина се движи тоа тело, потребни се најмалку три набљудувања.

Со натамошните опсервации дополнително може сосема малку да се допрецизира орбитата, да се редуцираат несигурните моменти, сé додека астрономите не бидат уверени каде тоа тело нема да се упати – примарно не кон Земјата.

Како помош при одредувањето на идната орбитална патека на астероидот, астрономите користат компјутерски симулации и вметнуваат произволно избрани иницијални позиции и брзини кои спаѓаат во рамките на маргина на грешка на дотогашните набљудувања. Преку креирање на голем број симулации, астрономите можат да ја пресметаат веројатноста дали некоја одредена патека всушност би довела до удар на Земјата.

На пример, доколку се симулирааат еден милион различни можни орбити и само една од нив води кон удар, тоа значи дека шансата тој астероид да удри на Земјата се еден  спрема милион.

asteroid 2

ЕСА има пристап до глобална мрежа од телескопи за набљудување астероиди. (ЕСА)

ЕСА има пристап до глобална мрежа од телескопи за набљудување астероиди. (ЕСА)

Вообичаено, со повеќе набљудувања и повеќе собрани податоци, зоната на опасност се стеснува, а коридорот на идната патека на астероидот се дистанцира од Земјата со што процентот на ризик опаѓа.

Постои мрежа од опсерватории ширум светот кои се фокусирани на одбраната на планетата – а тоа е пребарување на небото за астероиди и комети, односно повеќекратни набљудувања со брзо исклучување од листата на ризици на оние небесни тела кои не претставуваат закана.

Во случајот на 2022 АЕ1, откако полната месечина избледе, набљудувањата обезбедија доволно податоци за да се докаже дека нивото на пресметан ризик од раните опсервации било погрешно. Со пристигнувањето на поголем број податоци, нивото на ризик опадна близу до нулата и со тоа тимот продолжи понатаму.

“Податоците беа јасни, потврдени следното утро од нашите колеги од НАСА – не постои закана астероидот 2022 АЕ1 да удри на Земјата.” изјавила Лаура Фагиоли, динамичар за објекти близу Земјата, при НЕОЦЦ, која ја пресметала орбитата на 2022 АЕ1 во периодот во кој се вршело набљудувањето.

“Доколку патеката на 2022 АЕ1 останеше неизвесна, ние ќе ги вложевме сите напори за да го следиме со најголемите телескопи кои ги имаме. Но, бидејки астероидот го исклучивме од нашата листа на ризици, ние немаме потреба да го следиме повеќе – време е да се свртиме кон следниот.”

ЕСА изјави дека некои заинтересирани набљудувачи сепак ќе продолжат да го следат астероидот и ќе ги потврдуваат проекциите. Сега знаеме дека на почетокот на јули 2023г. астероидот 2022 АЕ1 ќе прелета близу до Земјата на оддалеченост од околу десет милиони километри (+/- еден милион километри) на растојание што е дваесет пати поголемо од она помеѓу Земјата и Месечината.

Значи, иако веројатноста дека некој одреден астероид некогаш би удрил на Земјата е прилично мала, сепак е можно еден ден нашата планета да биде погодена од астероид, или пак да се случи силна експлозија во воздухот како во случајот со метеорот над Челиабинск во 2013та година.

Според актуелната пресметана стапка на удари, астрономите очекуваат приближно по еден голем астероид да удри на Земјата, речиси на секои 100 милиони години. Од таа причина професионалните, како и астрономите-аматери продолжуваат да го истражуваат небото.

Оваа статија е оригинално објавена од Universe Today. Оригиналната верзија можете да ја прочитате овде.

Преведено од Миро Брандјолица

Извор: sciencealert.com

Сподели.