Промени на мозокот предизвикани од престој во Вселената

0

Долготрајниот престој во Вселената може да предизвика промени во мозочната структура на астронаутите. Овие промени можеби ќе ги објаснат невообичаените симптоми кои астронаутите ги покажуваат при враќањето на Земјата.

Во истражувањето научниците ги скенирале мозоците на 34 астронаути, пред и по нивниот престој во Вселената. 18 од нив учествувале во долги мисии (просечно околу 6 месеци) на Меѓународната Вселенска Станица, додека 16 учествувале во краткотрајни мисии (просечно околу две недели) престој во вселенско летало. Снимките покажале дека мнозинството од астронаутите кои учествувале во долготрајни мисии имале клучни промени во мозочната структура по враќањето на Земјата. Мозоците биле поместени нагоре во нивниот череп и дошло до стеснување на просторите со цереброспинална течности на врвот на мозокот – проѕирна течност која тече меѓу черепниот мозок, ‘рбетниот мозок и нивната надворешната обвивка. За разлика од нив, кај ниту еден од астронаутите кои биле на краткотрајни мисии не биле забележани овие промени.

Промени на мозокот предизвикани од престој во Вселената

МРИ снимка од мозокот на астронаут пред (панел А) и по (панел Б) долготраен вселенски лет. Заслуги: The New England Journal of Medicine ©2017

Дополнително, снимките покажале дека 94% од астронаутите со долготрајните мисии имале стеснување на централниот сулкус, вдлабнување близу врвот на мозокот која ги раздвојува фронталните и париеталните лобуси (две од четирите големи лобуси на мозокот). Само 19% од астронаутите кои учествувале во краткотрајните мисии имале стеснување на централниот сулкус.

И покрај тоа што научниците знаат со години дека бестежинските услови на Вселената влијаат врз човековото тело, ова ново откритие дава многу важен увид во однос на ефектот на подолго изложување на мозокот на престој во Вселената, според ко-авторот на трудот, др. Михаил Антонучи, неврорадиолог на Медицинскиот Унивезитет на Јужна Каролина (MUSC). Според него, промените може да ги објаснат невообичаените симптоми кои ги покажуваат астронаутите по нивното враќање на Земјата и да ги идентификуваат клучните проблеми во планирањето на подолготрајни мисии, како оние до Марс.

Конкретно, научниците се надеваат дека ќе ја разберат состојбата наречена „синдром на оштетеност на видот со интракранијален притисок“ или VIIP синдром. Астронаутите кај кои се јавува оваа состојба имаат оштетен вид по вселенскиот лет, придружено со подуеност на оптичкиот диск и зголемен притисок во черепот. Не е јасно што точно го предизвикува синдромот, но во ова истражување тројцата астронаути кои страдаат од него биле дел од оние со стеснување на централниот сулкус. Еден од нив исто така имал и нагорно поместување во позицијата на мозокот.

Според истражувачите, можеби ова поместување, заедно со „збивањето“ на ткивото на врвот на мозокот води до запирање на протокот на цереброспиналната течност додатно зголемувајќи го притисокот во черепот и резултирајќи со оток на очниот нерв. За потврда на оваа хипотеза се потребни уште истражувања со подетални анализи на мозокот. Покрај ова, потребни се и повеќе студии кои ќе ги следат мозоците на астронаутите подолги временски периоди откако тие ќе се вратат на Земјата, вели др. Дона Робертс од MUSC, која го водеше истражувањето. Ова ќе помогне во утврдување на тоа дали промените кои беа откриени се трајни или се повратни со тек на време. Учесниците во ова истражување биле скенирани од четири до десет дена по враќањето на Земјата. Според Робертс, изложеноста на вселенските услови има трајни последици врз луѓето кои сè уште не ги разбираме, а со кои мора да се справиме за да развиеме безбеден начин на вселенско патување.

Превод: Максим Осман-Николов

Извор: Live Science

Сподели.