2007 ОР10 е најголемата неименувана џуџеста планета во нашиот систем

0

Џуџестите планети се мистериозни тела. Со исклучок Церера, која се наоѓа во главниот астероиден појас помеѓу Марс и Јупитер сите останати планети од оваа категорија се движат во далечините зад орбитата на Нептун. Далеку од Земјата, овие мали и студени тела се тешки за опсервација дури и со големите телескопи кои ги имаме на располагање. Токму затоа, астрономите успеаа најголемиот дел од нив да го откријат во последнава декада.

Неодамна, група астрономи со комбинација на податоци од две вселенски мисии (Кеплеровата К2 и Хершел) открија дека џуџестата планета наречена 2007 ОР10 е значително поголема од досегашните претпоставки. Со ова излегува дека ова тело е најголем неименуван објект во Сончев Систем. Откриено е и дека станува збор за темно тело чија орбита е поспора од речиси сите објекти во системот. Дијаметарот на оваа џуџеста планета е 1535 километри и е околу 100 километри поголема од сега веќе втората по големина џуџеста планета во нашиот систем, Макемаке. Хаумеа е џуџеста планета чии оски се подолги од оние на 2007 ОР10, но поради нејзината неправилна форма сепак волуменот и е помал.

Претходните мерења кои беа базирани исклучиво на податоци од Хершел укажуваа на дијаметар од околу 1280 километри, но подоцна откако со К2 се утврди бавната ротација беа конструирани подетални модели со кои се мери рефлексијата на сончева светлина од површината на 2007 ОР10. Така, се откри дека дијаметарот на оваа џуџеста планета е околу 250 километри поголем. Се претпоставува дека површината е исполнета со мразови од метан, јаглерод моноксид и азот.

Што се однесува до соодветното именување на 2007 ОР10, честа ќе им припадне на они кои го открија овој објект. За тоа можеме да им се заблагодариме на астрономите Мег Швамб, Мајк Браун и Дејвид Рабиновиц кои во 2007-та ја октрија оваа џуџеста планета како дел од потрагата по далечни светови надвор од рамките на нашиот систем со помош на опсерваторијата Паломар, во близина на Сан Диего (САД).

Превод: Михаела Стојанова

Извор: Phys

Сподели.