Земјата во минатото била портокалова

0
Извор: NASA/IFLScience

Извор: NASA/IFLScience

Денес Земјата поради својот изглед е позната како бледата сина точка. Пред 2.5 милијарди години би била наречена „бледата портокалова точка”, благодарение на метанот кој бил произведуван од организмите. Па така, пронаоѓањето на планети со сличен изглед би можело да значи дека на нив исто така, може да се најде живот.

Новата студија е презентирана нодамна на конференција во Мериленд, организирана од Американското астрономско друштво. Истражувачите од Универзитетот во Вашингтон кои работеле на оваа теорија, се послужиле со геолошки податоци за да утврдат како изгледала Земјата пред 2.5 милијарди години за време на Архајската ера.

За време на оваа ера, молекулите од метан во атмосферата се распаѓале од светлината, формирајќи комплексни органски соединенија создадени од водород и јаглерод. Ова ѝ давало на нашата планета портокалова замагленост, односно смог. Па така, гледана од Вселената наместо во денешното сино издание, нашата Земја била портокалова.

Возможни се два извори од кои потекнувал овој метан – биолошки, односно од животот или геолошки процеси, како кај Титан. Затоа, наоѓањето на планети со ваква обоеност на атмосферата би можело да значи дека тие поминуваат низ слични процеси како Земјата во минатото и дека на нив се наоѓа живот. За да се открие дали портокаловото кај една планета се должи на биолошки или геолошки процеси, треба да се открие количеството на јаглероден диоксид. Доколку го има многу, може да се претпостави дека состојбата е слична како на Земјата, во спротивно ќе се заклучи дека на таа планета нема можности за живот.

Земјата во минатото била слична на Титан. Извор: НАСА.

Замагленоста на Земјата се протегала од 20 до 70 километри во атмосферата. Но, постепено со зголемувањето на количеството на кислород, отстапувала место за синилото кое го имаме денес.

Кислородот го уништува метанот, па штом неговата застапеност почнала да расне пред 2.5 милијарди години, оваа портокалова магла исчезнала засекогаш. Во моментов, знаеме за планети кои имаат вакви замалглености во нивните атмосфери, но сеуште не можеме да утврдиме дали станува збор за процеси слични како кај Земјата.

Идните телескопи, како напредниот вселенски телескоп „Џејмс Веб“ ќе ни откријат многу повеќе информации. Можеби ќе излезе дека нашата потрага по вонземски живот треба да се концентрира најпрво со одвојување токму на овие бледо портокалови точки.

Превод: Михаела Стојанова

Извор: IFLS

Сподели.