Време е за Марс

0

Земјата го обиколува Сонцето за 365 денови (и неколку часа). На Марс му е потребно скоро двојно повеќе време за ваква обиколка: 687 денови без неколку часа. Значи додека Марс го забиколува Сонцето еднаш, Земјата тоа го прави скоро два пати. Во такво движење растојанието помеѓу двете планети е променливо и во повремени интервали тоа достигнува најмала вредност. Ова се случува отприлика на секои 26 месеци. Тогаш Марс е присутен по цела ноќ на нашето небо. Навечер изгрева на исток, откако Сонцето ќе зајде на запад, а заоѓа на запад со појавата на првите сончеви зраци на исток. Тоа е периодот кога Сонцето и Марс се наоѓаат на спротивните (опозитни) страни од небото и овој настан го викаме опозиција на Марс.

Време е за Марс

Најмало и најголемо растојание на некое тело од Сонцето (перихел и афел).

Кога Земјата и Марс би се движеле по правилни кружни орбити околу Сонцето, проблематиката со опозициите би била многу поедноставна. Но, бидејќи се движат по елиптични патеки растојанието помеѓу двете планети во опозиција не е секогаш исто и се движи од околлу 55 до приближно 120 милиони километри. Најмало растојание помеѓу Земјата и Марс е тогаш кога до опозиција доаѓа кога Земјата е најоддалечена од Сонцето, а Марс најблиску до него. Тогаш растојанието помеѓу Земјата и Марс е минимално, 56 милиони километри. Ваква поставеност на планетите се случува на секои 15, односно 17 години и оваа положба се нарекува голема опозиција. Последен пат големата опозиција се случила на 27-ми август 2003-та година, кога растојанието меѓу овие планети изнесувало 55.758.006 километри кое било и најмалото растојание во последните 60.000 години. Ова мало растојание ќе биде надминато за отприлика 70.000 километри на 28-ми август 2287-ма година (тој ден луѓето од своите колонии на Марс ќе гледаат како Земјата го затемнува Сонцето).

 

Време е за Марс

Инклинациите на орбитите на планетите се различни (со сино е Земјата, во црвено е Марс).

Растојанието помеѓу Земјата и Марс е покомплицирано од тоа што беше објаснето погоре, бидејќи, на пример, опозицијата на Марс оваа година беше на 22-ри мај, а планетата Марс најмногу се приближи до нашата планета на 30-ти мај (на 75.247.728 километри). Ова е поради тоа што во Универзумот не владее едноставна геометрија каква што можеби би се очекувала. Имено, орбитите на планетите не лежат во иста рамнина (орбитата на Марс е 1,85° наклонета кон рамнината по која орбитира Земјата околку Сонцето), а ниту оските на тие движења не се паралелни. Поради ваквата геометрија се случува планетата Марс да е најблиску до нас после неговата опозиција.

Ако некој го интересира, Марс е најоддалечен од Земјата кога се наоѓа на другата страна од Сонцето и тогаш растојанието помеѓу овие планети изнесува скоро 400 милиони километри (кога Марс е во положбата C, а Земјата во положбата А, дадени на цртежот долу).

Време е за Марс

Секако, времето на опозиција е најповолно за набљудување на Марс (преку целата ноќ е на нашето небо, а истовремено и најблиску). Тогаш со голо око Марс се гледа како впечатлива, црвенкаста ѕвезда, а преку добар телескоп можат да се забележат и некои детали на него, пред сè, поларните капи, а при одлични временски услови и со солидно зголемување може да се забележи и Олимпус Монс, највисоката планина во Сончевиот Систем. Персивал Ловел (Percival Lowell), а и други, во еден таков период на блискост помеѓу Земјата и Марс пред стотина години, ги виделе и познатите канали, што е посебно интересна тема, бидејќи тие канали воопшто не постојат. За жал, слабите услови во атмосферата минатата недела не дозволија многу јасна слика на Марс преку телескоп за време на неговата опозиција.

Превод: Александра Бошкова

Извор: Astronomski Magazin

Сподели.