Научниците со нови методи за детектирање на планета Девет

0

Во последно време постојано слушаме новости за деветтата планета во Сончевиот систем чие постоење е веќе утврдено, но се чека нејзиното откривање односно директно набљудување.

Новите астероиди и планети во системот засега се наоѓаат исклучиво со помош на рефлексијата на сончевата светлина. Нашето Сонце зрачи во сите правци и мал дел од оваа светлина се одбива кога ќе дојде во контакт со тело како планета или астероид, а уште помал дел од Сончевата светлина се одбива и кон Земјата.

Планетата Девет најверојатно добива половина милион пати помалку светлина од нас, па според ова потрагата по оваа плнаета навистина може да потрае. Но, според новите истражувања детектирањето на планетата би можеле да го оствариме со помош на нов метод. Поточно, со набљудување на светлината која зрачи од самата планета.

Сите објекти во Универзумот емитуваат, односно испуштаат нешто што се нарекува зрачење на црно тело. Пожешките тела светат со поенергична светлина, додека пак ладните сјаат послабо, слично како металот кој започнува да свети во црвена или портокалова боја при загревање на високи температури. Ова не значи дека телата одеднаш започнуваат да емитуваат светлина дури откако ќе бидат загреани. Тие постојано светат, но видот на светлината се менува во зависност од температурата.

Научниците сметаат дека токму со детектирање на светлината од самата планета Девет ќе успееме да го потврдиме нејзиното постоење. Се претпоставува дека нејзиното зрачење се движи помеѓу инфрацрвениот и микробрановиот спектар на бранови должини. Пригодно е токму тоа што нашите телескопи можат да пребаруваат во овие бранови должини.

Единствено преостанува телескопите да бидат насочени кон вистинскиот дел од ноќното небо и детектирањето на деветтата планета ќе се случи многу поскоро од досегашните проценки.

Превод: Михаела Стојанова

Извор: sciencealert.com

Сподели.