Научниците ја открија најмалата позната ѕвезда

0
Благодарност за фотографијата до НАСА / JPL-Caltech / UCB

Заслуги: НАСА / JPL-Caltech / UCB

Астрономите неодамна наидоа на малечката ѕвезда наречена 2MASS J0523-1403, која се наоѓа на само 40 светлосни години оддалеченост. Тоа не е само најмалата ѕвезда откриена досега, туку можеби претставува и најмала можна ѕвезда. Со проучување на ѕвездите како што е оваа, научниците ја добиваат можноста да одговорат на прашањето: каде престануваат ѕвездите, а почнуваат кафеавите џуџиња?

Ѕвездите се пламтечки топки од гас, задржан како целина од гравитацијата, кои се хранат од фузијата на водородните атоми во хелиумови, длабоко во нивните јадра. Ѕвездите ги има во различни големини. Најмалите ѕвезди, познати како црвени џуџиња, можат да имаат само 10% од масата на нашето Сонце, а најголемите ѕвезди (хипергигантите) може да биде над 100 пати помасивни од нашето Сонце. Kолку мал може да биде еден објект, а сепак да биде дефиниран како ѕвезда? Ова прашање ги измачуваше астрономите со години. Сè што беше претходно познато е дека објектите под оваа граница немаат доволно маса да го започнат процесот на фузија на водород во нивните јадра. Овие објекти се познати како кафеави џуџиња.

Кафеавите џуџиња се бледи објекти кои се смета дека се алката што недостасува помеѓу гасовитите џинови и ѕвездите со многу мала маса, како што се црвените џуџиња. Тие се обично околу големината на Јупитер, но немаат доволно маса за да станат ѕвезда. За разлика од ѕвездите, кафеавите џуџиња немаат внатрешен извор на енергија.

Постои уште една чудна разлика помеѓу кафеавите џуџиња и ѕвездите; тие имаат спротивни односи меѓу масата и големината. Кога додавате повеќе материјал во ѕвездата, во форма на водород, толку ќе биде поголем нејзиниот радиус, односно ѕвездите се зголемуваат во големина како што нивната маса се зголемува. Кафеавите џуџиња, од друга страна, всушност се намалуваат во големина со зголемување на масата, поради појавата наречена притисок од електронска дегенерација.

Сега се наметнува прашањето: како да ја одредиме границата што би дефинирала дали објектот е ѕвезда или кафеаво џуџе? Астрономите го скенираат небото и наоѓаат објекти кои се смета дека се наоѓаат помеѓу границата на ѕвезди и кафеави џуџиња. Тие потоа ја пресметуваат луминозноста, температурата и радиусот на сите овие објекти и ги означуваат. Температурата е зависна од масата,па така се олеснува мерењето. Тие откриле дека, како што температурата се намалува, така се намалува и радиусот. Ова е очекуван тренд за ѕвездените објекти. Сепак, тие откриле дека по температури од околу 2100K (1826ᵒC / 3320ᵒF) има пауза по која радиусот почнува да се зголемува со намалување на температурата. Ова е тренд кој би се очекувал кај кафеавите џуџиња.

Благодарение на овие податоци, научниците сега може да ги одредат специфичната температура, луминозноста и радиусот на кој главната секвенца завршува. Главната секвенца е односот помеѓу луминозноста и температурата (како и луминозноста и радиусот) што се почитува од страна на ѕвездите во текот на поголемиот дел од нивните животи. 2MASS J0523-1403 се наоѓа околу оваа граница, но е наклонета кон ѕвездената страна. Оваа ѕвезда, всушност, има температура од 2074 K, што е најниска опишана температура досега дефинирана како главна секвенца на ѕвезда. Таа е, исто така, најмала и со најмала маса. Ако имаше помала маса, тогаш ќе беше кафеаво џуџе. Оваа ѕвезда затоа се идентификува како претставник на најмалите можни ѕвезди. Сепак, теоретски е можно дека една ѕвезда со малку помала маса од 2MASS J0523-1403 може да постои, но ние ја немаме сеуште пронајдено.

Научниците веруваат дека информации како оваа може да ни помогнат во нашата потрага по живот на другите планети. Кафеавите џуџиња се ладат многу побрзо од ѕвездите, па нивните околни планети веројатно не се многу погодни за живот. Заради тоа, познавањето на температурите на објектите околу границите на ѕвездите или кафеавите џуџиња ќе им помогне на астрономите во нивната потрага по кандидати кои би можеле да поддржат планети погодни за живот.

Извор: IFLS

Превод: Боро Костевски

Сподели.