Информациите во црните дупки не исчезнуваат

0

„Парадоксот на губиток на информации“ кај црните дупки, проблем стар веќе 40 години, можеби воопшто и не постои.

Информациите во црните дупки не исчезнуваат

Уметнички приказ на опкружувањето на супермасивната црна дупка во центарот на активната галаксија NGC 3783 во јужното соѕвездие Кентаур (Centaurus). Заслуги: ESO/M. Kornmesser

Искинете документ, и можете повторно да го залепите. Изгорете книга, и теоретски би можеле да го направите истото. Но, испратете информација во црна дупка, истата ќе се изгуби засекогаш. Ова физичарите го зборуваат со години – црните дупки се конечните трезори, ентитети кои ги всмукуваат информациите кои потоа испаруваат без да остават никаква трага за она што претходно го содржеле. Ново истржување во областа укажува на можноста ова гледиште да не е точно – информациите во црните дупки не исчезнуваат.

Во истражувањето е разгледувано како интеракциите помеѓу честичките кои ги емитира црната дупка можат да откријат информации за тоа што се крие во нив, како што првично се карактеристики на објектот кој ја создал црната дупка, како и карактеристиките на материјата и енергијата кои се вовлечени во неа. Проблемот во „парадоксот на губиток на информации“ е во тоа што претставува прекршок на квантната механика, која тврди дека информациите мора да бидат сочувани. Ова откритие е значајно затоа што дури и физичарите кои веруваа во тоа дека информациите не се губат во црните дупки, досега имале голем проблем математички да докажат како ова би се случувало.

Во 1970-те, Стивен Хокинг предложи дека црните дупки се способни да зрачат честички и дека енергијата која се губи во овој процес би предизвикала намалување и нивно исчезнување со тек на времето. Тој заклучил дека честичките кои црната дупка ги емитира не би содржеле знаци за тоа што се наоѓа внатре, што значи дека сите информации кои лежат во црната дупка би биле целосно изгубени штом ентитетот ќе испари. Иако Хокинг подоцна кажува дека не бил во право и дека информациите би можеле да излезат од црната дупка, начинот на кој тоа би се случило остана нејасен.

Новиот труд содржи експлицитни пресметки кои покажуваат како се сочувуваат информациите. Наместо да ги набљудуваат само честичките кои ги емитира црната дупка, истражувањето ги зема предвид и суптилните интеракции помеѓу честичките. Преку ова, научниците открија дека е возможно набљудувачот кој се наоѓа надвор од црната дупка да ги врати информациите кои се наоѓаат во неа. Интеракциите помеѓу честичките се движат од гравитациско привлекување до размена на медијатори како што се фотоните. За ваквите поврзаности долго време се знаеше, но во минатото многу научници ги занемаруваа како безначајни. Всушност, се покажа дека иако започнуваат како многу мали, тие растат со тек на времето и стануваат доволно големи за да го сменат исходот.

Превод: Марина Димовска

Извор: Phys

Сподели.