12 можни причини зошто немаме пронајдено вонземјани

0

Во 1950 во еден разговор за време на ручек физичарот Енрико Ферми на своите колеги им представил неколку поенти, сумирани како:

1) Галаксијата е многу стара и голема, со стотици милијарди ѕвезди и најверојатно уште повеќе населиви планети; и

2) Тоа значи дека би требало да има доволно време за напредни цивилизации да се развијат и цутат низ глаксијата.

 Од овие заклучоци нужно се јавува прашањето – Тогаш, каде се?

Едноставниот, но многу моќен заклучок е познат како Фермиев парадокс и сè уште претставува проблем за многу умови денес. Вонземјаните би требало да се честа појава, но сепак сè уште нема убедлив доказ за нивното постоење.

Еве 12 можни причини зошто тоа е така:

  1. Нема вонземјани за наоѓање – Колку и да не е веројатно дека во галаксија со стотици милијарди ѕвезди и 40 милијарди Земјолики планети во зоните погодни за живот околу ѕвездите нема вонземјани, сепак тоа е возможно.
  2. Нема интелигентен живот освен нас (претпоставувајки дека луѓето ги сметаме за интелигентни) – Животот може да постои, но може да биде само во форма на микроби или други, космичко „тивки,“ живи суштества.
  3. Интелигентните видови немаат напредна технологија – Засега, во потрагата по вонземски живот се користат радио-телескопи. Доколку вонземјаните не емитуваат никаков сигнал. нема да знаеме дека постојат.
  4. Интелигентниот живот се уништува себе си – Дали со помош на оружја за масовно уништување, загадување или вештачки болести, можеби природата на интелегентните суштества е да извршат самоубиство постоејки само кратко време пред да ги снема.
  5. Универзумот е мртво место – На космичко ниво, милијарди години, животот можеби едноставно исчезнува. Потребно е само еден астероид, супернова, сноп од гама зраци или сончев одблесок да се уништи животот на една планета.
  6. Вселената е голема – Млечниот Пат е 100,000 светлински години широк, па така веројатно е дека сигналите на интелегентни вонземјани кои се ограничени на брзината на светлината сè уште не стигнале до нас.
  7. Не бараме доволно долго – Осум години е периодот во којшто трагаме по вонземски сигнали со помош на радио-телескопи. Вкупно, и без нив, активно се трага 60 години. Тоа не е многу долго време.
  8. Не бараме на точното место – Вселената е голема, па има премногу региони за барање на сигнал. Ако не слушаме точно во насоката од каде што доаѓа сигналот, нема да го чуеме. Како што Ендру Фејн објасни за Universe Today, тоа е како да зборуваш со пријател на радио со 250,000,000,000 канали без да знаеш на која фрекфренција емитува. Би било потребно многу време во менување на канали за да се најде сигналот.
  9. Вонземската технологија е многу напредна – Радио телескопите можеби се честа појава на Земјата, но на далечните светови вонземјаните можеби користат понапредни методи за комуникација, како неутрино сигнали.
  10. Никој не емитува – Можеби сите слушаат. Тоа е така со Земјата. Освен само неколку мали обиди да се емитуваат доволно силни сигнали во многу тесен распон на фрекфренции кон ѕвездите, немаме направено нешто за нашето присуство да биде забележано. Доколку вонземјаните имаат радио-телескопи како нашите, нашите телевизиски и радио емисии ќе може да се детектираат само на оддалеченост помала од 0.3 светлински години. Тоа е растојание помало од нашиот Сончев Систем.
  11. Земјата намерно не се контактира – На Земјата имаме правила кои се однесуваат на контакт со домордни населенија, па можно е дека тоа ни се случува и нам. Исто како и во „Ѕвездени патеки,“ напредните вонземски општества можеби имаат правила кои го ограничуваат контактот само со видови што имаат напреден степен на технолошки и културен развој.

Вонземјаните се веќе тука, но ние не знаеме – Иако шансите се многу мали, не е невозможно дека владините агенции го кријат присуството на вонземјаните. Сепак поверојатно е дека вонземјаните се веќе меѓу нас маскирани како лабораториски глувци.

Превод: Максим Осман-Николов

Извор: Space

Сподели.