Дали се вонземјани? Три прашања за одредување на вистинитоста на НЛО тврдењата

0

Постојат неколку работи посуштествени од прашањето дали сме сами или не сме во универзумот. Ако откриме микроби кои лебдат околу Венера, најдеме знаци на минат живот на Марс или добиеме радио сигнал од интелигентни суштества, текот на човечката историја ќе се смени засекогаш.

Потрагата по живот бара да имаме отворен ум. Бидејќи американската влада сега јавно дискутира за НЛО – неидентификувани воздушни феномени (НВФ), во модерен јазик – и ја потврдува автентичноста на навистина чудни видеа, лесно е да се занесете од мисли на летачки чинии и мали зелени луѓе.

Исто така, мора да бидеме претпазливи и да примениме научен пристап на фантастичните вести. Но како? Иако никој водич не може да ги разложи карактеристиките на секое НЛО, еве три прашања што можете да си ги поставите за да процените тврдењата на кои може да им недостасуваат вонредни докази.

Дали НЛО-то го нарушува нашето разбирање за физиката?

Многу набудувања на НЛО бараат од нив да ги кршат законите на физиката кои ги познаваме, или да се движат исклучително брзо , и/или да не се појават на радар и/или на други сензори.

Човештвото многу добро ги познава законите на физиката. Ние користиме физика за да започнеме вселенски мисии, да фотографираме црни дупки и да го мапираме универзумот во 3Д.

Науката е постојан процес, па можно е да откриеме нешто што длабоко го обликува нашето разбирање за космосот. Но, при проценување на вистинитоста на НЛО тврдењата, важно е да се разгледа дали се поверојатни други објаснувања.

Дали е потребен голем заговор кои вклучува вонземјани?

Заговорите се тешки. Колку е поголем заговорот, толку повеќе има слаби точки и потешко е да се чува во тајност. Дури и групи кои се добри во чување тајни како ЦИА,нема да одат дотаму поради ризкиот од поединци кои би го изнеле тоа во јавност, како што беше случај со откривањето на доверливи информации од Едвард Сноуден.

Ова е уште потешко за заговорите што ги преминуваат политичките, географските и културните граници кои нормално би ја попречиле соработката.

Ако вонземјаните ја посетат Земјата, дали тие би претпочитале една нација пред друга? Фактот дека не гледаме одделни нации како брзаат да споделат податоци за НЛО, сугерира дека може да има малку веродостојни извори.

Дали има поедноставно објаснување?

Жилетот на Окам е научен и филозофски принцип според кој поедноставните објаснувања се поверојатни отколку сложените. Може да се примени и на НЛО: дали има објаснување што не ги крши законите на физиката или за кое не е потребен совршено извршен заговор?

Колку и да изгледа возбудливо гледањето на НЛО, честопати има поедноставни објаснувања како класифицирана активност, човечка грешка, оптички илузии и компјутерски грешки. Човечкиот мозок е привлечен кон новините, но важно е да се разгледаат сите можности – дури и досадните.

нвф1

Уметнички концепт за мисијата Europa Clipper  (Европа Клипер). Ова летало ќе изрши проценка дали Јупитеровата месечина Европа може да подржи живот

 Потрагата по живот продолжува

Судејќи според популарноста на научно фантастичните книгите, ТВ и филмови, концептот за вонземјани нема да исчезне наскоро. Без разлика дали станува збор за вонземјани кои влијаат на развојот на човекот во 2001 година: Вселенска одисеја, или пак портали кои овозможуваат патување со брзини поголеми од светлосната брзина, нè привлекуваат идеи што му пркосат на нашето разбирање за тоа како работи светот.

За среќа, можеме таа љубопитност да ја задоволиме научно. Ние градиме вселенска сонда што ќе ја проучува Месечината Европа за знаци на океани што можат да поддржат живот. Телескоп, лансиран оваа година, ќе ги испита далечните егзопланети за знаци на живот. Постојат групи кои континуирано го скенираат небото за сигнали од туѓи суштества.

На крајот, можеби ќе бидеме сами. Или би можеле да научиме дека космосот е полн со интелигентни суштества, од кои некои веќе ја посетиле Земјата. Наша одговорност е да бараме знаци за живот со отворен ум – но не толку отворен што би ни испаднал мозокот.

Превод: Христијан Петрески

Извор: www.planetary.org

Сподели.