Дали Сонцето се родило со непредвидлива ѕвезда-близнак наречена Немесис?

0

Неодамнешен модел за формирање на ѕвездите укажува на хипотезата дека повеќето, а можеби и сите ѕвезди се родиле заедно со најмалку уште една ѕвезда.

Најверојатно дури и нашата ѕвезда во средината на Сончевиот Систем не е исклучок од оваа хипотеза. Некои од астрономите претпоставуваат дека ѕвездата-близнак на Сонцето можеби имала удел во смртта на диносаурусите.

немезиз

Заслуги: NASA/JPL-Caltech/UCLA

При детална анализа на податоците од радиобрановиот електромагнетен спектар на облак од меѓуѕвездена прашина во соѕвездието Персеј, двајца истражувачи од Универзитетот во Калифорнија и Астрофизичката Опсерваторија на Харвард и Смитсонијан уште во 2017 година заклучија дека сите ѕвезди слични на Сонцето најверојатно се родиле со сопатник.

„Изведовме серии од статистички модели за да видиме како тие одговараат на популациите од млади единечни ѕвезди и млади бинарни ѕвезди во сите делови на Персејскиот молекуларен облак и единствениот модел кој се совпаѓаше со податоците беше оној во кој сите ѕвезди иницијално се формирани како бинарни,“ вели астрономот Стивен Сталер од Универзитетот во Калифорнија во јуни 2017 година.

Веќе со години, астрономите се прашуваат дали ѕвездите во бинарните и тројните системи од ѕвезди во нашата галаксија се формирани близу една до друга или пак се сретнале откако биле формирани.

Хипотезата дека се родени заедно беше омилена помеѓу астрономите. Симулациите во последните децении покажуваат дека речиси сите ѕвезди би можеле да бидат родени како системи од повеќе ѕвезди.

Сепак, податоците и набљудувањата кои ја подржуваат оваа хипотеза не се премногу, па затоа ова истражување е навистина интересно.

„Нашето истражување нѐ носи еден чекор поблизу да разбереме како се формираат бинарните ѕвезди и каква улога имаат тие во еволуцијата на ѕвездите,“ вели Сталер.

Како дел од истражувањето VANDAM (VLA nascent disk and multiplicity survey), научниците ги мапираа радиобрановите кои доаѓаат од густ облак од прашина оддалечен на 600 светлосни години во кој се наоѓаат многу нови ѕвезди.

Преку истражувањето VANDAM добивме податоци за ѕвезди помлади од половина милион години наречени Класа 0. Во споредба со животниот век на ѕвездите, тие се штотуку родени бебиња. Исто така, добивме и податоци за ѕвезди со старост помеѓу 500 000 години и 1 милион години наречени Класа 1.

Заедно со податоците за обликот на околните облаци од меѓуѕвездена прашина, научниците открија 45 сами ѕвезди, 19 бинарни ѕвездени системи и уште пет ѕвездени системи со повеќе од две ѕвезди.

Иако според резултатите на истражувачите се предвидува дека сите ѕвезди треба да бидат родени како бинарни, тие нагласуваат дека нивните модели се подлежни врз одредени ограничувања и велат дека повеќето ѕвезди се формирани заедно со ѕвезда-партнер во внатрешноста на густите јадра на облаците од прашина.

„Сметам дека го имаме најсилниот доказ до сега за ова тврдење,“ тврди Сталер.

Преку внимателна анализа на податоците и растојанијата помеѓу ѕвездите, истражувачите открија дека ѕвездите во бинарните ѕвездени системи  кои се оддалечени на околу 500 астрономски единици и повеќе се Класа 0. Исто така, тие се совпаѓаат и со оските на облакот во форма на „јајце“ околу нив.

Од друга страна, ѕвездите од Класа 1 настојуваат да бидат поблиски на растојание од 200 астрономски единици и не се совпаѓаат со оските на облакот во форма на „јајце.“

„Сѐ уште не знаеме што значи сето ова, но можеме да претпоставиме дека не е случајно и дека е поврзано со начинот на формирање на бинарните ѕвезди,“ вели Сара Садавој од Астрофизичката Опсерваторија на Харвард и Смитсонијан.

Па доколку повеќето ѕвезди се родени со ѕвезда-партнер, каде е нашата ѕвезда-близнак?

Растојение од 500 астрономски единици е околу 0.008 светлосни години или нешто помалку од 3 светлосни денови. Како за споредба, Нептун се наоѓа на 30 астрономски единици, вселенското летало Војаџер 1 се наоѓа на 140 астрономски единици, а најблиската ѕвезда до Сонцето е Проксима Кентаури на 268 770 астрономски единици.

Па доколку Сонцето навистина има ѕвезда-близнак, таа најверојатно не е во нашето непосредно соседство.

Сепак, постои една хипотеза во која се спомнува дека Сонцето има ѕвезда-близнак која наминува од време, на време.

Позната под името Немесис, постоењето на оваа теоретска ѕвезда се должи како резултат на забележаниот циклус на изумирање на Земјата од 27 милиони години, вклучувајќи го и изумирањето на диносаурусите.

Астрономот Ричард Милер од Универзитетот Беркли во Калифорнија пред 23 години предложи дека црвена џуџеста ѕвезда на растојание од 1.5 светлосни години можеби повремено да поминува преку студените далечни граници на Сончевиот Систем, а со тоа гравитациски да влијае врз материјата и да испрати некои студени камења во правец кон нас.

Темна ѕвезда, како на пример некое кафеаво џуџе, може да даде објаснување и за аномалиите кои ги набљудуваме на самиот раб на Сончевиот Систем, а една од тие е невообичаената широка орбита на џуџестата планета Седна.

Не постојат никакви траги од Немесис, но изгубениот бинарен партнер на Сонцето може да биде одговорен за ова.

„Да, најверојатно ѕвездата Немесис постоела пред многу долго време,“ вели Сталер.

Како и да е, нашето Сонце ја собрало целата прашина и целиот меѓуѕвезден гас, а нејзината ѕвезда-партнер останала темна и осиромашена.

Превод: Теодор Ангеловски

Извор: sciencealert.com

Сподели.