Пред сто години едно целосно затемнување придонесе да се прочуе еден непознат научник, Алберт Ајнштајн. Но како ова сончево затемнување успеа да го прослави Ајнштајн?
Десетина години пред да заврши со општата релативност, Ајнштајн ја објави неговата посебна теорија за релативноста, која покажа како просторот и времето се преплетени во една заедничка структура која тој ја нарекол „простор-време.“ Всушност, општата релативност е обопштување на теоријата за релативност, која ја вклучува и гравитацијата. Ајнштајн разбрал дека гравитацијата може да се претстави како искривување на простор-времето кое влијае врз движењето на ѕвездите, планетите, па дури и светлината.
Законот за гравитација на Исак Њутн, стар веќе неколку векови, е доволен за секојдневна употреба. Но кога проучуваме места кои подлежат на силни гравитациски сили како црни дупки и неутронски ѕвезди, или пак имаме потреба од прецизни пресметки како одредување на точната позиција на Земјата со толеранција од неколку десетици сантиметри, мора да ја вклучиме и теоријата за општа релативност.
Под претпоставка, општата релативност ни кажува дека кога светлината поминува покрај некое небесно тело, истата подлежи под благо затегнување кое резултира со мало искривување на траекторијата по која се движи светлината. Колку е поголема масата на телото, толку е поголемо и искривувањето на траекторијата. Ова го инспирирало Ајнштајн да предложи еден тест на општата релативност – да го измери искривувањето на траекторијата на светлината која доаѓа од далечни ѕвезди и минува покрај површината на Сонцето. Ова искривување е навистина мало. Доколку набљудуваме ѕвезди веднаш над површината на Сонцето, а сме на оддалеченост од 2km од Сонцето, овие ѕвезди ќе ги гледаме на позиција која е различна од вистинската за растојание од ширината на една монета. Но како да набљудуваме бледи ѕвезди близу до блескавото Сонце? За време на затемнување на сонцето.
На 29 мај 1919 година, за време на целосното затемнување на сонцето, научниците биле поделени во два тима на две различни локации на патеката на целосното затемнување (местата на Земјата каде може да се набљудува како Месечината целосно го покрива Сонцето). Едниот тим се наоѓал во Јужна Америка, а другиот во Африка.
На денот на затемнувањето, двата тима биле загрижени поради дождот во Африка и облаците во Јужна Америка. Тимовите имале само неколку минути за да ги направат фотографиите и доколку ја испуштеле оваа можност поради лошото време, ќе требало да чекаат до следното затемнување во 1921 г. Сепак, времето се подобрило на двете локации што им овозможило на научниците да ги сликаат ѕвездите за време на целосното затемнување.
Тимовите направија два вида на слики од еден ист дел од небото. Едниот вид на слики се направени за време на затемнувањето кога сонцето се наоѓа таму и на истите сонцето се наоѓа заедно со другите ѕвезди. Другите слики се направени неколку месеци пред или после затемнувањето и на овие слики сонцето го нема. Со споредување на овие два вида на слики се забележува дека позициите на ѕвездите се различни на сликите пред, односно после затемнувањето и за време на затемнувањето (Анимација 3), како што предвидел Ајнштајн.
Неколку месеци по затемнувањето, кога тимовите ги направиле потребните мерења и пресметки, заклучиле дека со општа релативност точно може да се предвидат позициите на ѕвездите. Печатените медиуми низ светот објавувале дека контроверзната теорија била докажана (иако науката користи пософистицирани начини), а како резултат на тоа Ајнштајн станал познат.
Затемнувањето на Сонцето не е првиот доказа за општата релативност. Повеќе од два века пред ова затемнување на Сонцето, астрономите знаеле дека орбитата на Меркур не се однесува според законите на Исак Њутн. Перихелијата на Меркур – позицијата кога Меркур е најблиску до Сонцето – се менувала побргу отколку што предвиделе законите на Исак Њутн. Општата релативност лесно го објаснува овој феномен, бидејќи Меркур се наоѓа толку близу до Сонцето што вдлабнатоста на простор-времето предизвикана од масата на Сонцето резултира со вакво несовпаѓање.
Всушност, ние денеска се’ уште ја тестираме општата теорија на релативност во најразлични услови и ситуации за да видиме дали е валидна. До сега успешно ги поминува сите тестови.
Превод: Теодор Ангеловски
Извор: nasa.tumblr.com