Што се случува со материјата во црна дупка?

0

Црни дупки се делови од просторот кои содржат големи количества материја, збиена во мал простор. Тие претставуваат едни од најинтересните феномени во целиот наш Универзум. Покрај големата густина на материјата внатре во црните дупки, силата на гравитација добива особено голема вредност, привлекувајќи буквално сè што ќе се најде на одредено растојание од нив. Дури ни светлината не може да побегне од оваа сила. Теоријата за црните дупки вообичаено претставува заедничка точка за квантната механика и релативноста. Црните дупки имаат особено значење во поглед на изучувањето на физиката и претставуваат важна тема за познатите физичари, како Стивен Хокинг.

Една од најмистериозните теми во целиот Универзум, претставува внатрешноста на црната дупка. Ова е така, пред сè, затоа што тие не можат директно да се проучуваат. Дури и светлината, заедно со X-зраците и електромагнетната радијација се заробени во нејзината внатрешност.

Но, конечно, по децении проучувања, научниците сепак успеаја да откријат начин со кој црната дупка може да се идентификува, и тоа индиректно. Тие го набљудувале X-зрачењето на материјата, кое доаѓа поради силната гравитација.

Значи, што откриле физичарите во врска со внатрешноста на црните дупки? Во основа, нашиот Универзум можеме да го идентификуваме во најмали размери, при што најмалите делови од нашата стварност се нарекуваат квантна пена (Quantum Foam). Силата со која црната дупка делува на материјата е толку моќна, што секоја космичка материја се собира во една точка, односно во сингуларитет. Но, тука се доаѓа до проблем, бидејќи точката на простор, според дефиницијата, е без димензии, со што ќе треба да се отфрлат сите закони кои се воспоставени во нашата реалност, а со кои се определува просторот и времето. Тоа едноставно значи дека законите на физиката за просторот и времето во една точка не можат да се применат и не можеме да дојдеме до заклучок што се случува таму. За да се објасни сето ова, треба прво да расчистиме со тоа дека една планета може да биде собрана во една точка, во која не е дефинирано ниту просторот, ниту времето, а тоа е прилично тешко за замислување.

Што се случува со материјата во црна дупка?

Шематски приказ на црна дупка. Извор: Nature.com

И, на крајот, што се случува доколку влетате во црна дупка? За жал, никој сè уште не може да ни даде точен одговор. Но, да претпоставиме дека во истиот момент не дошло до дезинтеграција предизвикана од огромната сила на гравитација. Во тој случај, најверојатно би се движеле кон центарот на црната дупка со најголема можна брзина, односно би паѓале со брзина на светлината. Од причина што сè околу вас исто така би се движело кон центарот со истата брзина, не би биле способни да одредите дека времето поминува – би ви изгледало како бесконечно долго да патувате во просторот, додека конечно не стигнете во центарот и станете дел од сингуларитетот. Ова растегнување на времето во црната дупка би имало уште една последица: сè што се наоѓа надвор од црната дупка би изгледало како да се движи уште побрзо од вас, така што би можеле да ја испратите „иднината“ на просторот надвор од црната дупка. Неколку секунди поминати во црна дупка би биле еднакви на илјадници години за некој што се наоѓа на Земјата!

Од сето ова, можеме да заклучиме колку се важни црните дупки во проучувањето на теоретската физика. Сите принципи на физиката, особено Општата и Специјалната релативност, се содржани во црните дупки. Ова може да биде вистински водич за идните научници да спроведуваат темелни изучувања во физиката. Можеби, еден ден, ќе можеме да патуваме и во самиот сингуларитет. А, дотогаш, црните дупки ќе останат мистерија…

Превод: Петар Ивановски

Извор: Astronomski Magazin

Сподели.