Забележани се најраните моменти на супернова експлозија

0
Забележани се најраните моменти на супернова експлозија

SNR E0519-69.0, сместена во Големиот Магеланов облак, остаток од суперновата настаната од експлозија на масивна ѕвезда. Вакви остатоци се сè што останало по ударниот бран кој помина низ ѕвездата која умира и материјата во нејзината непосредна околина. Фотографија во спектарот на Х-зрачење: NASA/CXC/Rutgers/J.Hughes; Оптичка фотографија: NASA/STScI

Набљудувањата направени само неколку часа по експлозијата на една супернова, помагаат во расветлување на опкружувањето на ѕвезда која умира.

Кога масивните ѕвезди (десет пати поголеми во однос на Сонцето) ќе дојдат до крајот на својот животен век, тогаш доаѓа до нивно експлодирање. Во моментот, се создава масивен ударен бран на материја, која се шири од внатрешноста на ѕвездата во меѓуѕвездениот простор во вид на водород и хелиум, односно на сите тешки елементи како што се: силициум, кислород и железо. На овој начин, распрсканата материја внатре во некоја галаксија претставува основа за нови ѕвезди и системи.

Суперновите како појави, претставуваат мистерии. Тие се забележани во вид на експлозии, како и остатоци стари илјада години, како што се неутронски ѕвезди и црни дупки. Но, што, всушност, доведува до експлозија на супернова?

Научниците од Израелскиот Институт Виезман, во неодамнешниот труд во списанието „Nature Physics“, известуваат за нивното мерење на суперновата SN2013fs, која експлодирала во блиската галаксијата NGC 7610 во 2013 година. Резултатите од истражувањата претставуваат една од најраните набљудувања на експлозии од некоја супернова.

Проучување на гасот во околината на идната супернова

Клучот во разрешувањето на мистеријата поврзано за суперновите од типот II е во проучувањето на еволуциите на ѕвездите, кои умираат пред моментот на експлозија. Однесувањето на ѕвездите во текот на нивниот раст, во фаза на црвен суперџин и губење на масата во оваа фаза, многу влијае на тоа што ние го гледаме во моментот на експлозијата. Проблемот лежи во тоа што фазата на црвен суперџин е многу кратка во космолошки размери, така што тешко може да се проучи некоја ѕвезда во текот на нејзината еволуција токму на крајот во фазата на црвен суперџин.

Еден од процесите на кои астрономите особено внимаат за да забележат примери за тоа што го бараат е историјата на губење маса на некој црвен џин. До губење на масата може да дојде поради експанзијата на ѕвездата како што таа старее, или во текот на ерупцијата на горните слоеви на ѕвездената атмосфера. Материјата која се појавила во околината на ѕвездата може да ја покрие самата ѕвезда во вид на обвивка. Кога ќе дојде до експлозија на супернова, начинот на кој дошло до сјаење на обвивката, може да им укаже на астрономите на кој начин, всушност дошло до губење на материјата од ѕвездата, откривајќи ни ја најблиската историја на ѕвездата.

Кога ќе дојде до појава на супернова, ударниот бран доведува до процес на фотојонизација, кој буквално откинува електрони од атомот на гасот во непосредна близина на ѕвездата и тие се оддувани далеку од матичните атоми. За кратко време, овие електрони повторно се комбинираат со атомите на гасот во претходната настаната гасовита обвивка, што доведува до нејзино сјаење.

Набљудување на суперновата SN2013fs

Суперновата за првпат е откриена во октомври во 2013 година во рамките на програмата Intermediate Palomar Transient Factory (iPTF). Веднаш по детекцијата, извршени се набљудувања во широкиот опсег на бранова должина, вклучувајќи ги Х-зраците, ултравиолетовите, оптичките и инфрацрвените набљудувања. Следните спектроскопски набљудувања ги доведоа научниците до заклучокдека се работи за супернова од типот II. Експлозијата е детектирана на само три часа од самиот почеток, а првите спектри биле снимени по само шест часа од почетокот на експлозијата.

Резултатите добиени со набљудување се во склад со моделот на материјата од обвивката, која ја опкружува ѕвездата на растојание од 10^15 сантиметри, што е повеќе од 66 растојанија на Земјата до Сонцето. Моделот покажува дека поголемиот дел од наведената материја е отфрлен од ѕвездата во последните сто дена од нејзиниот живот. Проблемот во проучувањето на наведената материја е во неможноста директно да се мери брзината од оваа отфрлена материја во текот на тие краткотрајни ерупции на гас, во однос на многу долгиот процес на губење на материјата од самата ѕвезда, кој се одвивал во претходните стотици години.

Бидејќи истражувањата кои се извршени во врска со идентификацијата на SN2013fs се на самиот почеток, се очекуваат нови поголеми истражувања, кои ќе донесат до склопување на една целосна слика при случувањата во текот на експлозијата, како и самата нејзина причина, што е и основната цел на истражувањата.

Превод: Петар Ивановски

Извор: Astronomy

Сподели.