Научници тврдат дека го пронашле првиот вонземен протеин во метеорит

0

Ново откритие можеби ќе биде клучот за да сфатиме дали животот би можел да се појави на друго место во Сончевиот Систем.  Користејки нова аналитичка техника, научници сметаат дека пронашле вонземен протеин, во метеорит кој паднал на Земјата пред 30 години. Ако нивните резултати може да се реплицираат ова ќе биде првиот протеин идентификуван кој не потекнува од Земјата.

„Овој труд го карактеризира првиот протеин откриен во метеорит“ велат научниците во труд објавен на пред-издавачкиот сервер arXiv. Нивниот труд допрва треба да подлежи на стручна рецензија, но сепак импликациите од откритието се вредни за внимание.

meteor

Метеор за време на пикот на метеорски рој Леониди во 2009та. (Navicore/Wikimedia Commons/CC BY 3.0)

Низ минатите години најдено е дека метеоритите од поширокиот Сончев Систем ги содржат некои од градбените блокови на животот каков што го знаеме. Цијанидот, кој може да игра улога во градењето на молекулите потребни за живот; рибозата, тип на шеќер најден во РНК и амино киселините, органски компоненти кои во меѓусебна комбинација ги создаваат протеините.

Истражувачите сега повторно се осврнуваат кон метеоритите кои содржат амино киселини. Предводени од физичарот Малком МекГеок од PLEX корпорацијата, тимот се фокусирал на нешто поголемо. Користејќи  најсофистицирана масена спекрометрија тие тврдат дека успале да откријат протеин во метеорит наречен Acfer 086, пронајден во Алжир во 1990-тата година.

Иако не претставува доказ за вонземни живи суштества ова откритие е уште едно во серијата на градбени блокови на животот откриени на вселенски камен. Има многу процеси кои можат да произведат протеини, но животот каков што го знаеме не може да постои без нив.

„Тие земаа метеорит кој беше одржуван во музеј и кој предходно веќе беше анализиран. Ги модификуваа техниките кои ги користат за да може да детектираат амино киселини во овој метеорит со поголем сигнал“ вели за ScienceAlert, астрономот и хемичар Ченоа Трембли од CSIRO во Австралија, која не е  дел од истражувањето.

Тимот не само што ја откри амино киселината глицин со поголем сигнал во однос на предходните анализи туку и открија дека е врзана за други елементи како железо и литиум. Кога со помош на моделирање се обиделе да разберат што се случува увиделе дека глицинот не е изолиран туку е дел од протеин.

Истражувачите го нарекуваат овој нов протеин хемолитин. Додека хемолитинот е структурно сличен на земните протеини, неговиот сооднос на деутериум и водород не е налик ништо на Земјата. Но, е конзистентен со оној кај долго-периодичните комети.

Ова сугерира, според научниците, дека структурата која ја идентификувале како протеин е од вонземно потекло, и најверојатно се има формирано во прото-сончевиот диск пред 4,6 милијарди години. Но, од друга страна исто така веруваат дека има можност она што го откриле да не е протеин. Иако тимот смета дека тоа е најверојатното објаснување, можно е да нивното откритие е полимер – широка класа на молекули од кои протеините се само дел.

Сеуште е рано да се возбудиме премногу. Но, генерално Трембли е импресионирана од работата. „Мислам дека ова е многу возбудливо“ вели таа. „Мислам дека има многу интересни импликации и многу добри аргументи. Сметам дека ова е навистина голем чекор напред.“

Има неколку насоки во кои може да продолжи истражувањето. Други научници може да ги земат спектрите и со помош на моделирачки софтвер да се обидат да ги реплицираат структурите кои ги произведуваат истите или слични спектри. Ова може да помогне во одлучувањето дали навистина гледаме протеин или некој друг вид на полимер.

Слични техники може да се искористат на други метеорити во кои се откриени амино киселини за да се види дали може да се најдат слични структури. Како што објаснува и Трембли, неодамнешните студии на Меѓународната Вселенска Станица наведуваат кон тоа дека „протеините би требало да е полесно да настанат во вселената поради намалената гравитација“. Астронаутите успеаја да произведат големи протеински молекули, доволно стабилни за да ги симнат на Земјата.

„Сега сме сигурни дека протените е веројатно да постојат во вселената“ вели таа. „Но ако почнеме да наоѓаме докази за нивното постоење и за тоа кои се нивните почести структури би било навистина интересно и возбудливо.“

Превод: Максим Осман-Николов

Извор:www.sciencealert.com

Сподели.