Сеопфатен водич за црните дупки (1 од 4)

0

Вовед

цд2

Дали некогаш сте се запрашале што се случува во космосот? Што се крие во универзумот зад она што не можеме да го видиме? Постојат бројни чуда кои допрва ќе ги откриеме надвор од Земјата.

Нешто за што веќе знаеме се црните дупки. Се работи за еден фасцинантен астрономски феномен. Сакате да дознаете повеќе? Тогаш продолжете со читање.

Што е црна дупка?

цд3Што поточно претставува една црна дупка? Општо кажано, тоа е „објект“ во вселената. Гравитацијата во ова место е толку силна што дури и на светлината ù е тешко да избега.

Како резултат на насобирањето на огромно количество материја во многу мало место, гравитацијата станува неверојатно силна. Постојат повеќе начини за да се предизвика ваквата голема концентрација на материја, но како најчеста причина се јавува умирањето на некоја ѕвезда.

Зошто воопшто се вика „црна дупка“? Накратко кажано, бидејќи е невозможно светлината да излезе, односно не можете да ја видите црната дупка.

Сѐ се сведува на интензитетот на гравитациската сила локализирана во една област која ја привлекува светлината и не ù дозволува да излезе. Сѐ што ќе влезе во црната дупка, материја или електромагнетно зрачење, не може да излезе. На некој начин, ова звучи малку депресивно.

Понекогаш, црните дупки се мртви ѕвезди или ѕвезди кои умираат. Многу научници веруваат дека црните дупки вообичаено настануваат кога некоја огромна ѕвезда ќе умре.

Ѕвездата станува супернова, а остатокот од масата кој останува, се руши сам врз себе бидејќи гравитацијата е толку многу силна. Како резултат на рушењето настанува црна дупка.

Во зависност од карактеристиките кои нам ни се познати, можеме да издвоиме неколку видови црни дупки.

Постојат неколку видови на црни дупки

Супермасивни црни дупки

цд4

Супермасивните црни дупки се вистински феномен.

Тие се најголемите црни дупки во универзумот.

Просечните црни дупки имаат многу маса, но кај супермасивните црни дупки, масата е значително поголема.

До сега, постоењето на само неколку супермасивни црни дупки е потврдено бидејќи речиси сите вакви црни дупки се оддалечени многу далеку од нас и не можеме да ги забележиме. Се верува дека постојат многу супермасивни црни во големите галаксии.

Повеќето црни дупки од овој тип се наоѓаат во центарот на галаксиите, како што е и онаа во Млечниот Пат.

Супермасивните црни дупки се интересни за научниците бидејќи тие не се сигурни од каде потекнуваат овие црни дупки. Низ истражувањата се сретнуваат бројни теории. Една од најшироко прифатените теории за нивното создавање доаѓа од проучувањата на квазарите.

Според оваа теорија, многу од супермасивните црни дупки акумулирале незамисливо многу маса без да преминат во супернова. Како што се објаснува во истражувањето од Басу и Дас, супермасивните црни дупки постојат благодарение на верижна реакција.

Но сепак, ова е само една од многуте теории.

Се смета дека супермасивните црни дупки се над милион пати поголеми од Сонцето. Астрономите можат да ги најдат преку анализирање и набљудување на нивното влијание врз ѕвездите и гасот околу нив.

Ѕвездени црни дупки

цд5

Друг тип на црни дупки се ѕвездените црни дупки. А како се формираат овие црни дупки? Сѐ се сведува на ѕвездите.

Кон крајот на својот живот, ѕвездите го горат и последното гориво кое тие го имаат.

Кога ќе го изгорат целото свое гориво, тие се рушат самите врз себе.

Ова е многу честа појава кај ѕвездите низ универзумот.

Помалите ѕвезди, откако ќе се срушат, нивното јадро ќе премине во бело џуџе или неутронска ѕвезда. Но што се случува кога некоја поголема ѕвезда ќе умре? Токму тогаш се формираат ѕвездените црни дупки.

Големите ѕвезди ќе продолжат да се рушат врз себе си и потоа ќе се претворат во ѕвездена црна дупка.

Иако ѕвездените црни дупки се формираат како резултат на умирање на некоја голема ѕвезда, тие се релативно мали. Но, покрај нивната огромна маса, токму ова ги прави ваквите црни дупки да имаат многу голема густина.

Во само една ѕвездена црна дупка, може да се најде маса над три пати повеќе од онаа на Сонцето, целосно сконцентрирана во многу мала црна дупка. Тоа резултира со неверојатно силна гравитациска сила.

Како што поминува времето, ѕвездените црни дупки се хранат со гас и прашина околу нив, а со тоа и постепено растат.

Во Млечниот Пат постојат милиони вакви црни дупки.

Црни дупки со средна големина

цд6

До сега објаснивме за големите црни дупки и за малите црни дупки. Но дали ова се сите големини кои постојат кај црните дупки?

Сѐ до неодамна, мислевме дека одговорот на ова прашање е „да“. Новите информации со кои располагаме покажуваат дека можеби постојат и некои средно-големи црни дупки (анг. Intermediate Black Hole – IMBH).

Се верува дека овие видови црни дупки потенцијално настануваат преку верижна реакција кога неколку ѕвезди се судираат и спојат заедно.

Ако повеќе црни дупки со средна големина се формираат приближно во иста област, тогаш може да настане една супермасивна црна дупка во средината на некоја галаксија.

Едно поново истражување од 2018 година предлага дека црните дупки со средна големина можат да се формираат во средината на некоја џуџеста галаксија.

Превод: Теодор Ангеловски

Извор: wiredcosmos.com

Сподели.