Иако големината, површината и гравитацијата се многу поголеми од оние на Земјата, и нејзиното зрачење би можело да биде опасно, далечната планета К2-18b го привлече вниманието на научниците ширум светот. За прв пат истражувачите отрија знаци на водени испарувања кај планета надвор од нашиот сончев систем која се наоѓа во зона погодна за живот, односно регија околу ѕвезда во која кај карпеста планета би можело да се најде вода во течна состојба.
Астрономите во Центарот за Вселенски Егзохемиски Податоци (Center for Space Exochemistry Data) при Универзитетскиот Колеџ во Лондон (University College London – UCL), во Велика Британија, користеле податоци од Хабл Телескопот на НАСА (NASA Hubble Space Telescope) кои датираат од 2016-2017 година, при што откриле водена пареа во атмосферата на К2-18b, егзопланета околу мало црвено џуџе оддалечено околу 110 светлосни години од соѕвездието Лав. Во понатамошните истражувања е потврдено дека ова е единствената планета која има вода во атмосферата и температури кои на карпеста површина би можеле да одржат вода во течна состојба. Течна вода може да се најде само доколку се покаже дека планетата е карпеста, односно има копно, но не и ако повеќе наликува на мала верзија на Нептун.
Поради нивото на активност на нејзината ѕвезда, K2-18b би можела да биде понепријателски настроена кон живот за разлика од Земјата бидејќи е поверојатно дека има високо-енергетска радијација. Оваа планета која беше откриена во 2015 од Кеплер Телескопот воедно има и маса која е осум пати поголема од онаа на Земјата што значи дека површинската гравитација би била значително поголема од онаа на нашата планета.
Тимот користел архивирани податоци од 2016 и 2017 година кои се снимени од Хабл и притоа развиле алгоритми со отворен код за анализа на филтрирањето на светлината од ѕвездата-домаќин низ атмосферата на K2-18b. Резултатите откриле присуство на водена пареа и воедно сугерираат на присуство на водород и хелиум во атмосферата на планетата.
Со податоци од Hubble Space Telescope, детектирана е водена пареа во атмосферата на егзопланетата планетата K2-18b, единствена планета која орбитира околу ѕвезда надвор од нашиот сончев систем и има вода, како и температури на кои може да постои живот. Видеото во HD формат може да се симне на следниот линк.
Авторите на научната статија објавена во Nature Astronomy, веруваат дека е возможно присуство и на други молекули, како што се азот и метан, но тие не може да бидат детектирани преку сегашните набљудувања. Потребни се дополнителни студии со цел да се оцени покриеноста со облаци и процентот на присутна атмосферска вода. Статија објавена од друг тим на наулници кои исто така користеле податоци од Хабл е објавена во Astronomical Journa.
K2-18b e eдна од стотината „супер-Земји“ откриени од Кеплер, односно егзопланети со маса помеѓу онаа на земјата и Нептун. Во следните години се очекува уште стотици вакви планети да бидат откриени од TESS мисијата на НАСА. Вселенските телескопи од идните генерации, вклучувајќи го Џејмс Веб Вселенскиот Телескоп (James Webb Space Telescope) ќе бидат во можност подетално да ги карактеризираат атмосферите на егзопланетите.
Хабл Вселенскиот Телескоп е проект на интернационалната соработка помеѓу EСA (European Space Agency) и НАСА.
Превод: Даница Ѓорѓевска
Извор: https://www.nasa.gov/