Астрономите открија планета која орбитира под агол од 90 степени околу редок пар необични ѕвезди — првпат имаме силен доказ за постоење на вакви „поларни планети“ околу двоен ѕвезден систем. Ова неочекувано откритие беше направено со помош на Многу Големиот Телескоп (VLT) на Европската Јужна Опсерваторија (ESO).

2M1510 (AB) b — планета што орбитира под агол од 90° околу пар кафеави џуџиња, откриена со VLT на ESO.
Иако претходно беа откриени неколку планети кои орбитираат околу две ѕвезди (слично на фантастичниот свет Татуин од „Војна на Ѕвездите“), досега тие обично биле во истата рамнина како и орбитата на нивните ѕвезди. Постоеја само индиректни докази дека би можеле да постојат планети на поларни орбити околу бинарни ѕвезди — теоретски стабилни, со забележани дискови од материјал што се формираат во такви услови — но, сега за првпат, имаме цврст доказ.
„Особено сум возбуден што сум дел од откритието кое потврдува дека ваква конфигурација навистина постои,“ вели Томас Бејкрофт, докторанд на Универзитетот во Бирмингем, Велика Британија, кој е водечки автор на студијата објавена денес во списанието Science Advances.
Необичната егзопланета, наречена 2M1510 (AB) b, орбитира околу пар млади кафеави џуџиња — објекти поголеми од гасовити гигантски планети, но премали за да бидат вистински ѕвезди. Тие се во систем наречен затемнувачко бинарно џуџе, бидејќи гледано од Земјата, редовно си прават еклипси едно со друго. Ова е исклучително редок феномен: ова е само втор познат пар затемнувачки кафеави џуџиња, и прв што содржи планета со орбита под прав агол во однос на двојната орбита на домаќините.
„Планета што орбитира не само околу бинарен систем, туку околу бинарни кафеави џуџиња, и тоа во поларна орбита, е навистина неверојатно и возбудливо,“ вели ко-авторот проф. Амори Трио од Универзитетот во Бирмингем.
Астрономите забележале дека орбиталното движење на двете ѕвезди било чудно нарушено, што ги навело да заклучат дека постои трето тело — егзопланета — со необична орбитална конфигурација. „Ги разгледавме сите можни сценарија, и единственото што се совпаѓаше со податоците е постоење на планета на поларна орбита околу овој бинарен систем,“ објаснува Бејкрофт.
„Откритието беше сосема случајно, бидејќи нашите мерења не беа наменети за барање ваква планета или орбитална конфигурација. Затоа е ова толку големо изненадување,“ додава Трио. „Ова откритие уште еднаш нè потсетува, и нас астрономите и јавноста, колку фасцинантен е универзумот во кој живееме.“
Скопско Астрономско Друштво