Егзопланета оддалечена 100 светлосни години од Земјата е најдобар кандидат за океански свет. Наречена TOI-1452b, оваа планета има големина и маса кои одговараат на профилот на густина конзистетнтен со постоењето на глобален течен океан. Научниците веруваат дека овој вид на свет е возможен иако досега не е откриен ниту еден.
Потребни се додатни набљудувања со новиот телескоп Џејмс Веб за да се истражи атмосферата на планетата со цел добивање на подоверливи податоци за нејзината природа. „Овој труд известува за откритијата и карактеризациите кои се однесуваат на транзитирачката умерена егзопланета TOI-1452b“ пишува тим на научници предводен од астрономот Чарлс Кадиу од Универзитетот на Монтреал во Канада во труд објавен во Асрономскиот журнал.
„Резултатите од нашето моделирање на внатрешноста на планетата и фактот дека прима умерено ниво на радијација ја прави планетата одличен кандидат за воден свет.“
Лесно е да се види зошто оваа планета не била откриена до сега, и покрај релативната блискост до Сончевиот Систем. Егзопланетата е откриена во орбита околу слабо црвено џуџе кое е дел од билизок бинарен систем со растојание од само 97 астрономски единици. Двете ѕвезди се толку билизу една до друга што изгледа како да се една.
Сепак телескопот-ловец на егзопланети TESS е толку сензитивен што детектирал регуларни, мали падови во светлината на ѕвездата што е знак за регуларен премин на некој објект помеѓу нас и ѕвездата домаќин. Истражувачите од студијата направиле додатни мерења со нивниот високо сензтивен инструмент за детекција на егзопланети од опсерваторијата Монт Мегантик во Канадата.
Двете набљудувања заедно потврдиле дека навистина станува збор за егзопланета која орбитира околу една од ѕвездите во бинарниот систем. Од промената во светлоста на ѕвездата за време на транзитот научниците успеале да заклучат дека станува збор за релативно мала планета, 1,672 пати поголема од Земјата.
Планетата следи 11 дневна орбита околу ѕвездата, која изгледа премногу блиска до ѕвездата во однос на нашата од 365 дена. Сепак бидејќи ѕвездата е толку ладна и слаба воспоредба со Сонцето, ова ја става егзопланетата точно во средина на нејзината умерена зона. Ова не е толку далеку од ѕвездата да водата на површината би замрзнала но ниту преблиску при што би испарила.
По ова научниците подетално ја истражиле и ѕвездата. Конкретно ги интересирала нејзината радијална брзина – начинот на кој што се движи поради гравитациското влијание на егзопланетата. Тоа е бидејќи било кои две тела во систем орбитираат околу заеднички центар на гравитација – што значи дека ѕвездата се движи, само малку, во својот орбитален аранжман со TOI-1452b.
Промените во светлоста на ѕвездата го откриваат ова движење и им овозможуваат на астрономите да ја пресметаат масата на орбитирачкото тело преку одредувањето на силата на тоа движење. На овој начин успеале да дојдат до маса 4,82 пати поголема од онаа на Земјата за TOI-1452b.
Сега кога ја знаеме масата на објектот, можеме да ја одредиме просечната густина. За TOI-1452b таа густина е 5,6g/cm3 што е многу блиску до густината на Земјата од 5,5g/cm3. Со густина налик Земјата, објект со толкава маса мора да е составен од полесен материјал, велат научниците.
„TOI-1452b е еден од најдобрите кандидати за океанска планета кои ги имаме најдено до сега“ вели Кадиу. „Нејзиниот радиус и маса сугерираат многу помала густина од онаа што би ја очекувале за планета која е направена од метал и камења како Земјата.
Моделирајќи го внатрешниот состав на планетата одредиле дека дури 30% од нејзината маса може да е вода.
Тоа е огромна количина. За споредба водата е помалку од 1% од масата на Земјата. Составот на оваа планета е повеќе налик водените сателити Европа и Енцелад на Јупитер и Сатурн.
Сепак само со овие мерки не може до крај точно да се тврди од што е составена ТОI-1452b. Тука стапува на сцена Веб.
Зa време на премините на планетата пред ѕвездата дел од светлината на ѕвездата минува низ нејзината атмосфера, дококу ја има. Веб е доволно сензитивен за да ја детектира разликита во таа светлина што ќе им овозможи на научниците да го одредат составот на атмосферата на егзопланетата.
Ако TOI-1452b е воден свет, Веб е нашата најдобра шанса за да дознаеме.
„Нашите набљудувања со телескопот Веб ќе бидат клучни за подобро разбирање на TOI-1452b“ вели астрономот Рене Дојон од Универзитетот на Монтреал. „Штом можеме, ќе закажеме време за користење на Веб со цел набљудување на овој чуден и прекрасен свет“.
Истражувањето е објавено во Астрономскиот журнал.
Превод: Максим Осман-Николов
Извор: www.sciencealert.com