Следниот пат кога ќе земете чаша „свежа“ вода сетете се дека некои од молекулите во таа вода се стари милијарди години – многу повеќе од самиот Сончев систем.
Иако навидум невозможно, еден нов труд објавен во Science го потврдува токму ова. Астрономите дојдоа до заклучокот со тоа што докажаа дека водата во нашиот Сончев Систем би морало да била создадена во густиот облак на гас и прав од кој се формирало Сонцето. Ова значи дека водата која конечно дошла до Земјата на „мокри карпи“ како астероидите и кометите, постоела пред да настане Сонцето.
Тед Бергин, професор по астрономија на Универзитетот на Мичиген и еден од авторите на трудот, го опишува откритието како неверојатно. „Ако погледнеме наназад 4,6 милијарди години има неверојатна приказна за раскажување“ вели тој. Земјата била формирана од микроскопски честици малку поголеми од ширината на едно човечко влакно. Астрономите кои според Бергин се „многу имагинативни души“ ги нарекуваат овие честици „прав“. Овие честици од кои настанала Земјата би примиле толку многу енергија од Сонцето на релативното блиско растојание од него што би биле толку жешки да кондензацијата на водата на нив во мраз би била невозможна.
„Ова значи дека кога Земјата настанала била сува“ вели Бергин. „Ова ни претставува интересен проблем: Од каде дошла водата?“
Ако ја земеме предвид материјата генерално, мора да се запрашаме од каде потекнува водата во Космосот? „Универзумот не е направен од вода туку атоми“ објаснува тој. „Значи некаде, некогаш овие атоми се споиле, хемиски, за да ја формираат водата.“
За среќа астрономите може да ја испитаат таа хемија во лаборатории на Земјата. Тие можат да ги репродуцираат условите кои довеле до формацијата на водата. Тие го прават ова користејќи процес познат како изотопско земање на отпечатоци. Водородот може да се сретне во два стабилни облици. Вториот од нив го нарекуваме деутериум. Двата изотопа може да се сретнат во повеќе или помалку стабилен сооднос низ Сончевиот Систем. На секој атом на деутериум има 100,000 водородни атоми. Овој сооднос важи и за водата.
„Но, хемијата ни вели дека во специфични услови може да дојде до вишок на деутериум.“ вели Бергин. „Ова го нарекуваме изотопски отпечаток. Земјата има вишок на деутериум исто како и кометите и астероидите.“
Изотопскиот отпечаток се јавува само на ниски температури меѓу 10 и 20 степени над апсолутна нула (-441°F / -263°C). „Бидејќи Земјата го има овој вишок на деутериум, веќе знаеме нешто: изворот на водата морал да е многу, многу студен. Сега треба да погледнеме кон формаирање на ѕвездите и планетите и да се запрашаме кога е толку студено?“ вели Бергин.
Кога една ѕвезда почнува да се развива, температурите може да се толку ниски на само две локации во овој огромен, бурен систем. Внатре во облакот од гас и прав што ја опколува прото-ѕвездата и акрецискиот диск кој започнува да се формира околу неа. Но, има и уште еден услов. Создавањето на вода со висок сооднос на деутреитум наспроти водород подразбира и процес на јонизација, кој истражувачите воспоставиле дека е невозможно да се случи во дискот преку анализа на детални модели од него.
„Ова ни кажува дека од двата потенцијални извори на водата, дискот и облакот од гас, дискот не може да го поддржи процесот.“ објаснува Бергин. Затоа водата со изотопски отпечаток би можела да се јави само во облакот од гас и прав околу милион години пред формарање на Сонцето.
Сепак ова не одговара на прашањето како водата дошла до Земјата. Според Бергин планетите се генерираат од истиот облак на гас и прав кој колабира и постанува ѕвезда. Внатре во облакот карпите биле фрлени во вселената и се судриле со честичките кои евентуално ја создале Земјата. Иако некои од нив немале вода, тие се судриле со Земјата и станале дел од неа. Подоцнежните карпи кои биле фрлени кон Земјата од подалечни краишта биле доволно студени да содржат вода.
„Значи како што Земјата постанувала, овие карпи од поголеми далечини ја донеле водата.“ вели Бергин. „Водата станала дел од каприте и била исфрлена од страна на вулканите како гас, од кој настанале океаните и атмосферата, и оваа чудесна планета која ја имаме денес.“
Превод: Максим Осман-Николов
Извор: physics-astronomy.com