Во Индија пријавен првиот смртен случај од удар од метеорит

0
Во Индија пријавен првиот смртен случај од удар од метеорит

Извор: sdecoret/Shutterstock.

Регистриран е првиот смртен случај на човек од Индија како последица на удар од метеорит. Возачот на автобуси, познат како Камарај починал на 6 февруари во близина на градот Натрампали во јужна Индија.

Причина за смртта била експлозија која повредила уште тројца други, а уништила и прозорци кои се наоѓале во непосредна близина. Првично, се претпоставувало дека експлодирала бомба, но по извршените истражувања се утврдело дека во околината нема докази за вакво нешто. Напротив, на место на ударот пронајден е камен кој оставил мал кратер длабок 1.2 метри под земјата. Блесокот се случил рано во саботата и шоферот бил прогласен за мртов по пат накај болницата. Не е сигурно дали бил усмртен како последица на самиот удар или пак, поради блесокот кој следувал.

Дел од научниците во Индија сметаат дека смртта можеби се должи на удар од вселенски отпад, а не карпа бидејќи сепак, по правило метеорските дождови се очекувани и ретко се случува да помине метеорит низ атмосферата без притоа да биде забележан. Но, секако дека и кај ова правило постојат бројни исклучоци.

Досега немало документиран смртен случај од удар од метеорит. Единствен претходен ваков фатален случај било куче од Египет во 1911 година, кое било срамнето со земја од страна на метеоритот Накла, со марсовско потекло. Но, бидејќи не биле откриени остатоци од ова куче, случајот останува неофицијален.

Од удар од метеорит досега имало многу повредени луѓе, но не и убиени. Еден ваков прочуен настан се случи во Алабама во 1954 година кога 34-годишната жена Ан Елизабет била повредена додека спиела на својот кауч од метеоритот кој го пробил кровот на нејзината куќа. Друг познат случај е неодамнешниот метеорски удар во Челјабинск кој повреди стотици Руси кога експлодираше над Земјата.

Превод: Михаела Стојанова

Извор: IFL Science

Сподели.