Вештачка интелигенција откри преку 27 000 занемарени астероиди од стари телескопски слики

0

“Клучот за да ја заштитиме Земјата од удар на астероиди е да знаеме каде тие се наоѓаат”. Повеќе од 27 000 астероиди во нашиот Сончев систем биле занемарени на постоечките телескопски слики, но благодарение на новиот алгоритам на вештачката интелигенција, сега имаме цел каталог од нив. Научниците кои стојат позади ова откритие велат дека оваа алатка го олеснува пронаоѓањето и следењето на милиони астероиди, вклучувајќи ги и потенцијално опасните, кои некој ден би можеле да ја погодат Земјата.

астероиди

Секоја зелена точка е една од 27.500 астероиди штотуку откриени во нашиот Сончев систем. (Кредит на слика: Институт за астероиди B612 / Институт ДиРАК на Универзитетот во Вашингтон / Проект за отворен простор)

Повеќето од новопронајдените астероиди лебдат во астероидниот појас помеѓу Марс и Јупитер, каде што научниците веќе категоризирале повеќе од 1,3 милиони такви карпести парчиња во последните 200 години.

“Ова е навистина работа за вештачката интелигенција” – вели Ед Лу, извршен директор на Институтот за астероиди и коосновач на Фондацијата Б612, во почетокот на минатиот месец за време на дискусијата за откритието. Алатките на вештачката интелигенција дизајнирани за пребарување на астероиди веќе се доближуваат до нивоа што можат да ги постигнат луѓето.

Лу додава: “Мислам дека брзо ќе го надминеме ова ниво во текот на следните неколку недели”. Вештачката интелигенција за пронаоѓање на занемарени астероиди работи на следниот начин: Алгоритмот што го развил тимот на Лу, познат како THOR (Tracklet-less Heliocentric Orbit Recovery), анализирал повеќе од 400 000 архивни слики од небото од Астрономската истражувачка лабораторија (NOIRLab – National Optical Infrared Astronomy Research Laboratory). Се додека има околу пет набљудувања во 30 дена поврзани со еден ист “џеб” на небото, алгоритмот може да почне да работи. Тој е обучен на голем збир податоци, што го прави способен да анализира дури 1,7 милијарди светлински точки во само една телескопска слика.

Тој исто така е дизајниран да излезе од опсегот и да поврзе точка на светлина од една слика на небото со друга точка на различна слика и да утврди дали двете точки го претставуваат истиот објект – и почесто, тоа укажува на астероид кој се движи низ вселената, според описот на алгоритмот од Фондацијата Б612.

“Не само што можеме да најдеме астероиди во збир на податоци кои никогаш не биле наменети за тоа, туку можеме да го направиме секој друг телескоп во светот подобар во пронаоѓање астероиди” – вели Лу. Во 2022 година, истиот тим од научници го користел алгоритмот THOR за да открие 100 астероиди кои не биле откриени во постоечките телескопски слики. Други астрономи, исто така ја користеле вештачката интелигенција да најдат нови астероиди. Пред само две недели, аматери астрономи ја започнале обуката на алгоритам кој довел до откривање на 1 000 нови астероиди во архивните слики од страна на вселенскиот телескоп Хабл.

Минатиот јули, софтверот наречен HelioLinc3D, дизајниран за лов на астероиди во близина на Земјата, нашол вселенска карпа со ширина од 180 метри, за која се очекува да се приближи на 225 000 километри д Земјата. Тоа е поблиску од просечното растојание помеѓу нашата планета и Месечината. Научниците досега забележале околу 2 000 такви “потенцијално опасни астероиди” и проценуваат дека уште околу 2 000 сеуште не се откриени. Откривањето на овие вселенски карпи во обид да се помогне во планетарната одбрана е една од задаците на претстојната опсерваторија Рубин во Чиле, за која е развиен софтверот за лов на астероиди HelioLinc3D.

8,4-метровиот телескоп, кој треба да почне да работи следната година, ќе снима слики од јужното небо секоја ноќ најмалку една деценија, а секоја слика ќе опфаќа површина од 40 полни месечини. Научниците велат дека од софтвер базиран на вештачката интелигенција како THOR и HelioLinc3D, може да и помогне на опсерваторијата да најде дури 2,4 милиони астероиди – двојно повеќе од оние што сега се категоризирани во првите шест месеци од работењето.

Превод: Маца Николова

Извор: space.com

Сподели.