На атмосферата на Уран ù истекуваат гасови во вселената

0

Изгледа дека стариот Уран не може да земе здив. Веќе нешто го има превртено на својата страна и затоа неговата орбита е спротивна од онаа на другите планети во Сончевиот Систем. Веројатно и лошо мириса. Сега астрономите дознаа и дека неговата атмосфера истекува во вселената.

Длабоко во податоците од историската средба на ледената планета со Војаџер 2 во 1986 година, сѐ до сега се криело постоењето на плазмоид – атмосферски материјал кој истекува како низ инка од Уран поради магнетното поле на планетата.

Со ова откритие, за прв пат се забележува плазмоид поврзан со леден џин. Уште повеќе, ни покажува и многу други информации освен истекувањето на атмосферата, а ни открива и дел од динамиката на чудното испревртено магнетно поле на Уран.

Во суштина, истекувањето на атмосфера и не е толку невообичаено. Го нарекуваме атмосферско бегство и како на пример, токму ова е причината која го претворила Марс од прилично влажна планета како што мислиме дека некогаш бил, во прашлива сурова пустелија. На Венера исто така ù истекува водород. Потоа, атмосферското бегство се јавува и кај една од месечините на Јупитер, Ио, како и Титан, месечина на Сатурн. Па дури и Земјата секојдневно губи околу 90 тони атмосферски материјал (без грижи, имаме околу 5 140 трилиони тони за кои е потребно многу долго време целосно да истечат).

uran 2

Заслуги: David Stern, Reviews of Geophysics, 1996

Постојат неколку механизми кои овозможуваат атмосферско истекување, а еден од тие е преку плазмоиди. Се работи за големи цилиндрични формации од плазма (јонизиран гас) врзани за магнетните силови линии кои доаѓаат од Сонцето и оваа област е позната како магнетна опашка. На сликата е прикажано како изгледа магнетната опашка на Земјата.

Јоните во атмосферата секогаш се насочуваат паралелно со магнетното поле во оваа област. Кога соларните ветрови го прекршуваат магнетното поле од страната која е свртена кон Сонцето, магнетните силови линии ја менуваат својата траекторија и се спојуваат во опашката, а со тоа и предизвикуваат ротирачки плазмоиди. Дел од јоните се враќаат назад во атмосферата (и на Земјата ги гледаме како аурори), што резултира со нагла промена на насоката на движење на плазмоидот кој со себе ги носи и атмосферските јони.

Магнетна реконекција

Ситуацијата на Земјата е едноставна и можеме да кажеме дека ја разбираме. Освен тоа, постојат докази и за секојдневни плазмоиди од соларни ветрови на Марс, но на малку поразличен начин бидејќи Марс нема свое магнетно поле.

Сепак, кога го проучуваме Уран, треба да земеме во предвид дека се работи за огромна планета и дека неговото магнетно поле, едноставно кажано, е ужасно.

Додека Земјиното магнетно поле е горе-долу конзистентно со насоката на планетата, магнетното поле на Уран е испревртено настрана на тој начин што се разликува за 59 степени од географските полови. Уште повеќе, не се наоѓа ниту во средината на планетата, односно не е центрирано. Доколку ги поврзете двата магнетни полови на Уран со една права линија, ќе забележите дека таа отстапува за релативно значително растојание од самиот центар на Уран.

Постојат и докази кои предлагаат дека магнетното поле се отвора навечер и се затвора за дење. Сето ова ни кажува дека магнетното поле на Уран е исклучително возбудливо.

uran 3

Заслуги: Wikimedia Commons/Public Domain

Токму ваквиот неред од магнетни влијанија го привлече вниманието на астрономите Џина ДиБарсио и Ден Гершмен од Центарот за Вселенски Летови Годард на НАСА, кои ги планираат потенцијалните планетарни мисии. Тие заклучија дека необичните магнетни карактеристики на Уран се една од највозбудливите почетни точки.

Проучувајќи ги податоците соберени од магнетометарот на Војаџер 2 во Јануари 1986 година во подобра резолуција од било кое претходно истражување, астрономите забележале ненадеен скок во отчитувањето на податоците за магнетното поле.

По дополнителната анализа тие заклучиле дека и покрај испревртеното непредвидливо магнетно поле, необичниот скок во податоците всушност претставува плазмоид со должина од 204 000 километри и ширина од 400 000 километри, кој најверојатно содржел јонизиран водород и се движел од планетата.

Со ова откривме нови информации за магнетното поле на Уран. Според анализите на истражувачите, се покажува дека магнетното поле на Уран се спојува во опашката, како и нашето магнетно поле на Земјата. Се предлага и дека внатрешните сили исто така влијаат врз магнетната динамика на планетата.

Но најважно од сѐ е што заклучивме дека преку овој механизам Уран губи значителна количина на маса која истекува преку плазмоиди.

Податоците од Војаџер 2 се постари од три децении, па истражувачите предлагаат да се испрати уште едно вселенско летало.

„Самата природа на магнетосферската циркулација и процесот на губење маса се основните теми за Уран и Нептун кои се издвојуваат и сакаме да ги разбереме,“ пишува во нивниот научен труд.

„За целосно да ги разбереме релативните фактори врз планетарната ротација и влијанието на силите на соларните ветрови врз динамиката на плазмите, потребни се нови мерења. Сѐ до тој момент, магнетосферата на овој леден џин ќе го чека идното истражување.“

Превод: Теодор Ангеловски

Извор: sciencealert.com

Сподели.